Економија, финансии, бизнис

Контакт

Задолжување за раздолжување или пак ќе зајмиме повеќе?

Задолжување за раздолжување или пак ќе зајмиме повеќе?

Владата следниот вторник преку аукции на државни записи и обврзници планира да позајми од домашните банки речиси 9 милиони евра. Истата сума веќе ден по аукцијата Владата треба да ја врати во стопанството по основ на доспеани долгови. Според објавените проспекти, најголемиот дел од оваа сума или речиси 4 милиони евра како долг ќе треба да се вратат за една година, околу 3,2 милиони евра за шест месеци, а над 1,6 милиони ќе доспеат за враќање после 15 години.Засега не е познато дали Министерството за финансии ќе се задолжи  повеќе или помалку од најавеното. На претходните две аукции на хартии од вредност (ДХВ), Владата позјами од омашните банки повеќе од планираното. Само на првите две аукции, државата се задолжи кај домашните со 43,5 милиони евра, од кои 22 милиони евра се повеќе од најавеното.

Опозициската СДСМ вчера излезе со тврдење дека само со првите две аукции и задолжувања се потрошени 9 проценти од планираниот буџетски дефицит за цела 2016-та година.

-Власта на ВМРО-ДПМНЕ во заминување продолжува безобразно да ги задолжува граѓаните со нови и нови долгови. Со само две аукции и задолжувања Ставрески реализираше 9% од планираниот дефицит за цела 2016 година.Ова ново задолжување е во пресрет на очекуваната одлука од Управниот суд по тужбата што преку дополнителниот заменик министер Кире Наумов ја поднесе СДСМ, откако стариот состав на Државната изборна комисија го отрфли барањето за ставање вето на домашните задолжувања повисоки од раздолжувањата, реагираа од СДСМ.

Според календарот за ДХВ, во првото полугодие од годинава се планирани уште 22 аукции, а дел од нив не се проследени со раздолжувања. Токму за претходната аукција, во наредните денови не доспеваат долгови за враќање. Од министерството за финанси нема информација зошто ќе се искористат 12,5 милиони евра.

Според дел од економистите загрижува фактот што дражвата во последно време се задолжува на подолг рок, а долгот ќе го плаќаат идните генерации. Во најновата Фискална стратегија се посочува дека и во наредниот период аукциите на државни хартии од вредност ќе продолжат со ист континуитет и ќе се практикува издавање на хартии од вредност со долгорочен рок на отплата.

-Министерството за финансии и во наредниот период ќе продолжи со континуирано издавање на државните хартии од вредност (ДХВ) на домашниот пазар. Целта е со редовна застапеност на државните хартии од вредност да се овозможи поефикасно финансирање на буџетските потреби на краток и на долг рок, намалување на трошоците за финансирање, како и поттикнување на натамошниот развој на финансиските пазари во Република Македонија.

Во претстојниот период, Министерството за финансии ќе продолжи со проширување на рочната структура на портфолиото на државните хартии од вредност преку издавање долгорочни хартии од вредност, односно преку издавање две-, три-, пет-, десет- и петнаесетгодишни државни обврзници. Особен интерес за вложување во долгорочните хартии од вредност издадени од Република Македонија се очекува од пензиските друштва, како и од комерцијалните банки и осигурителните компании, се наведува во Фискалната стратегија 2016-2018.

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести