Задолжителна математика на матура?! Сила + убавина = не бива
Новиот модел на државна матура кој ја вклучува математиката како задолжителен предмет предизвика бура од реакции кај учениците, но и кај наставниците. Таа како задолжителен предмет во текот на основното и средното образование, според професорите-математичари е заснована на логичко размислување, анализа, синтеза, апстрахирање и воопштување, но секој ученик, велат, нема афинитет и дарба за природните науки, особено за математиката.
Од Наставничкиот пленум велат дека учениците не се против математика, а уште помалку наставниците. Но да се наметнува математика како испит кој ќе се полага на матура, за учениците кои школувањето ќе го продолжат на факултети каде математика е предмет кој не е од големо значење, или воопшто не се изучува, е нешто што според нив нормално создава отпор кај учениците и оттука логично е незадоволството кај учениците кои на овој начин ќе бидат дополнително оптоварени како да го поминат со повисока оценка еден од најтешките предмети во текот на образовниот процес.
“Ако се вратиме во времето и направиме една анализа за тоа какви биле нашите знаења околу предметот математика и какви се денеска, можеме слободно да заклучиме дека од секогаш голем дел од учениците немале афинитет по предметот математика, и на некој начин им бил потежок за учење. За жал и ден денеска се повторува истата слика, па затоа сега се појавува незадоволството и дополнителната аверзија и страв кај матурантите по предметот математика како задолжителен предмет на матура. Сите ученици си имаат свои афинитети и дарба. Некои ученици се повеќе талентирани за општествените, а некои за природните науки. Подобро е да се зголеми бројот на часови по математика во стручните училишта, но сепак учениците да си бираат што ќе полагаат. Мислењето на голем дел од членовите на Наставнички пленум е да се укине матурата како задолжителна, а учениците да полагаат приемен испит, додека за оние ученици кои планираат да се запишуваат на странски факултети, каде се бара положена Државна Матура истата да се овозможи”-велат од Наставничкиот пленум.
Најголемите нелогичности кои влијаат на квалитетот на наставниот процес, според наставниот кадар се некординираноста помеѓу Бирото за развој на образование, Министерството за образование и наука, Државниот просветен инспекторат и Државниот испитен центар околу повеќе прашања: стандардите и критериумите за оценување како Блумова таксономија наспроти тестовите за екстерно - кои се на основа на меморирање факти и кои никако не можат да ја дадат реалната слика за знаењето на ученикот на крајот од годината и на полугодието - за завршните години, а кое го покажал во текот на целата учебна година, наставните планови и програми, наметнатите учебници кои не ги задоволуваат наставните цели, по поголемиот дел предмети над 50% од стручните предмети нема учебници,услови за работа, услови за примена на ИКТ, ненајавени инспекциски контроли, натрупани административни работи, поради кои наставникот не може да се сконцентрира на најважната улога која треба да ја има, да подготви интересен час во кој ќе го поттикне ученикот критички да размислува.
“Надлежните многу едноставно може да го решат овај проблем со намалување на бројот на ученици по паралелка и во основно и во средно образование. Во Финска која е докажано прва во образованието, еден наставник работи со најмногу 12 ученици, но при тоа има дополнителна помош од педагог, психолог и други стручни лица и за секое дете посебно се води евиденција за неговиот "напредок". Во нивниот систем нема слаби и јаки, или добри и лоши ученици, напротив за секој ученик се борат да го извадат максимумот од него, со проверка на неговите афинитети и предиспозиции. Во нашето опшество во гимназиите, економските и медицинските училишта се запишуваат и по повеќе од 34 ученици со што се отежнува работата и на наставникот и на ученикот. Наставникот може да се сконцентрира само на оние ученици кои сакаат да работат. Наспроти тоа во другите стручни училишта се води битка за ученик повеќе и не може да се задоволи ни моментално минималниот критериум по 25 ученици во паралелка. Затоа ние предлагаме паралелките да имаат по најмногу 24 ученици, со што надлежните сигурно ќе го постигнат посакуваниот квалитет”-додаваат наставниците.
Дополнителен проблем според Наставничкиот пленум е оценувањето на знаењето и квалитетот преку екстерното тестирање, кое велат е добро за послабите ученици, затоа што преку бинго одговарање може да дојдат и до повисока оценка, но е проблем за подобрите ученици, кои цела година, посветено учат, постигнуваат успеси на разни натпревари, но во моментот кога одговараат на екстерното се среќаваат со прашања по предмети за кои нема учебник и кои прв пат ги среќаваат во својот живот.
“Секако дека голем дел од учениците учат за оценката од екстерното која ќе им го подигне општиот успех. Честа појава е ученици кои цела учебна година не покажале никаков интерес за учење, уште повеќе за знаење од некои различни причини ги учат одговорите на прашањата од отворениот базен, чии одговори многу лесно се наоѓаат на различни интернет портали и добиваат високи оценки за две-три повисоки од онаа на наставнико. Интересен е и фактот што други ученици, пак, воопшто не учат и не се подготвуваат, а сепак добиваат високи оценки на тестовите. По многу предмети има по неколку учебници од различни автори, при што секој наставник си избира кој учебник да го употреби во своите предавања,но во базенот од прашања има прашања од сите учебници-велат од Наставничкиот пленум”-нагласуваат наставниците од Пленумот.
Екстерното тестирање и матурата, според нив, наметнуваат ученикот да се сконцентрира на оценката, а не на нивото на знаење со кое ќе ја напушти училишната клупа, па останува на наставникот да им докаже дека сепак во прв план е знаењето. Дополнително, забележуваат дека од година во година наставникот полека ја губи битката за авторитет, почит, со се почестите законски измени кои носат дополнителен товар и обврски за квалитетните наставници кои сакаат најдобро и професионално да ја завршат својата работа.
“Надлежните воведувањето на математиката како задолжителен предмет го објаснуваат со потреба на кадри од областа на технички науки. Матурскиот испит по математика воопшто не го гледаме како мотивација за студирање на технички науки. „Со сила убавина не бива“. Ако веќе сакаат да ги мотивираат, тогаш многу работи во образовниот систем и во општеството треба од корен да се променат. На пример како ќе го мотивирате ученикот кој МОРА да се запише и да заврши средно бидејќи е задолжително и се казнува со закон ако не се почитува да учи, а не сака, па уште и математика, а потоа да се запише на некој од техничките факултети!? Таква стратегија се гради со децении, а не за неколку месеци. До пред петнаесетина години, нашите ученици беа едни од најбараните во целиот свет. Откако почнаа овие реформи колку да има реформи, без да бидат вклучени наставниците и учениците, како главни носители, нашето образование пропаѓа се подлабоко во калта, од која тешко ќе се извлече”-заклучуваат од Пленумот.
Наставниците велат, ја планираат, организираат и реализираат наставната програма, водат педагошка евиденција и документација, подготвуваат тестови на знаења, проектни задачи и редовно ги следат учениците во своите активности и знаења преку целата учебна година, а тоа бара време, искуство, знаење и посветеност без притисоци и без закани. Бројните реформи кои се наметнати како задолжителни, како што се екстерно тестирање, зачестени инспекциски контоли, преоптеретената администрација и избрзаните законски решенија , по принцип на казни и заплашувања, без широка јавна расправа на стручни кадри, и на самите наставници практиканти,според наставниците, го поткопуваат образованието, авторитетот на наставникот и довербата во системот.
С.Б.
Слично
