ЗАД МАШИНА КАКО ПОД ВРШНИК: Текстилните работнички на работа НА ПЛУС 40!
Две третини
од текстилните фабрики во истокот
немаат или не вклучуваат клима уреди и
на пеколни + 40 степени, а 30% од фабриките
не ги исполнуваат стандардите за
вентилација на погоните за работа - ова
го покажало истражувањето на штипското
граѓанско здружение на текстилни и
кожарски работници од источниот регион
“Гласно”. Председателот на здружението,
Горан Трајков за Фактор објаснува
дека во истражувањето биле опфатени 16
фабрики од кои во 5 не се задоволени
стандардите за ладење. До нив вели
постојано стигнуваат дојави од работници
кои секојдневно трпат неправди и
дискриминација како во однос на условите
за работа така и за неплатениот труд и
ниските плати кои честопати се под
минималната граница.
“За да знаеме дали има ефект од Инспекцискиот надзор кој е направен во поголем број на текстилни фабрики е рано да се каже бидејќи има дадено указен рок за недминување на констатираните состојби. Би сакал да набројам дека под прекршоци не е само климатизацијата туку и прекувремената работа која не е соодветно платена, работата за време на државните празници, за издавање на решенија за користење на годишниот одмор и дали е согласно законот искористен одморот. Тука спаѓаат и додатоците на плата како и исхраната во фабриките”- објаснува Трајков.
Проблемите вели неможе да се решаваат преку ноќ бидејќи се наталожени со години наназад. Но Трајков упатува на поголема свест кај работниците кои мора да си ги знаат своите права за да бараат соодветна заштита.
“Состојбата во секторот е континуирано мониторирање на месечно ниво и следење на состојбите. Во меѓувреме се врши истражувањето кое е започнато пред еден месец и се следат состојбите во 16 фабрики од Источна Македонија. Проблеми има наталожено премногу во овие 25 години и не можат да се решаваат преку ноќ. Потребно е подигање на свеста и кај работниците и кај работодавачите за да се укаже дека во овој сектор работниците се со просечна возраст над 40 години. Недостига млада работна сила. За надминување на недостигот од млада работна сила потребен е компромис од сите засегнати страни: работници, работодавачи, синдикати, влада, министерства, инспекторати и др со крајна цел стабилизација на оваа гранка на долг рок . Пред се сакам да потенцирам дека се работи за пракса на взаемна злоупотреба и искористување”- додава претседателот на “Гласно”.
Оттука според него потребно е итно синдикално здружување кое јавно и гласно ќе зборува од име на работниците и ќе ги штити работничките права.
“Работниците нема да бидат доволно заштитени се додека сами не се организираат во синдикат. Нашето здружение се бори и им укажува на работниците колку е важен синдикатот за нивната потрага по права да има позитивен епилог. Сите знаат дека синдикат е неопходен а постои страв за превземање на ваков чекор. Бенифициран стаж не постои во оваа гранка, но нашата препорака е намалување на обемот на работа кај повозрасните работници од 55 години, со текот на годините бројот на работни часови да опаѓа. Најважни елементи на кои како здружение сме фокусирани, а постојано укажуваме е обезбедување на просторни услови за исхрана на работниците. Доколку работодавците ги обезбедат овие простории работниците нема да бидат приморани да се хранат надвор на отворено или внатре на машините кога времето тоа не го дозволува”- потенцира Трајков.
Работниците вели тој се правно неедуцирани и не ги познаваат доволно своите права па затоа често не ги препознаваат прекршувањата на законите. Во последните години Законот за работни односи претрпи многу промени кои донесоа дополнителна конфузија и несигурност.
“И покрај промените, законските одредби дозволуваат толкување што е на штета на целото стопанство. Од овие закони штетни последици трпи и целата економија. Потребна е сеопфатна едукација и инклузија од сите страни, потребни се точни решенија ако Македонија сака да се движи по европски пат. Најважни три бенифити за работниците што владата за прв пат ги става во политичката агенда се покачување на минималната плата, нормираниот учинок кој ќе биде променет во нормален учинок и централизираното евидентирање на работното време од релеванти институции”- вели Трајков.
Во ек на години одмори работниците од овој сектор вели трпат уште поголеми неправди на свој грб.
“Според истражувањето од 16 фабрики само шест подготвиле решенија за одмор, додека десет немаат изготвено решенија за одмор, а во некои работниците потпишувале користење на цел годишен одмор,а користеле само неколку дена. Прекувремената работа ја плаќале седум фабрики, пет не ги плаќале како прекувремена туку како редовна работа, а три воопшто не плаќале. Надлежните институции мора да поработат на решавање на проблемот за користење на годишниот одмор, начинот на користење на боледување и договорите за работа на работниците кои им се даваат на месечно ниво. Ние како здружение се залагаме за промена на овие договри и точно утврдување на времето за договорот на определено време”-потенцира Трајков.
Просечната плата во секторот текстилна и кожна индустрија како што вели изнесува околу 150 евра, а во овој ресор работат околу 40 000 работници. Овие состојби според Трајков мора коренито и брзо да се променат бидејќи масовниот егзодус кој пустоши низ истокот може лесно да ја остави оваа гранка на маргините на стопанството.
С.Б.
