Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЗАБРЗУВААТ ИСПЛАТИТЕ КОН ТУРСКАТА КОМПАНИЈА „СЕРКА“ КОЈА ЈА ГРАДИ „БРАНА КОНСКО“ - само во март префрлени над три милиони евра

ЗАБРЗУВААТ ИСПЛАТИТЕ КОН ТУРСКАТА КОМПАНИЈА „СЕРКА“ КОЈА ЈА ГРАДИ „БРАНА КОНСКО“ - само во март префрлени над три милиони евра

Во март значајно се забрзале исплатите кон турската компанија „Серка“, која го гради хидросистемот „Брана Конско“ во гевгелиско.

Само во месецот кој измина, односно март, на македонската подружница на компанијата „Серка“ и се исплатени близу 3,1 милиони евра, од вкупно 10 милиони евра кои досега и се префрлени на таа компанија, почнувајќи од април минатата година.

Ова го покажува алатката Отворени финансии, која ја промовираше власта со цел јавноста да може да гледа каде се се префрлаат народните пари, и со тоа да биде отчетна во своето финансиско работење.

Исплаќач на средствата е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое го тера проектот, и кое за неговата реализација, преку Програмата за рурален развој, треба да издвои 40 милиони евра.

Досегашните исплати од нешто над 10 милиони евра всушност говорат дека досега на турскиот изведувач му се префрлени околу една четвртина од планираните средства, што значи дека исплатите допрва ќе забрзуваат како ќе привршува реализацијата на проектот, што последно беше најавено за јули оваа година.

Всушност, неодамна од турската компанија „Серка“ изјавија дека изградбата на хидросистемот „Брана Конско“, како и придружните објекти, веќе влегле во завршна фаза на изведување, односно дури 85 отсто од работата на терен веќе била завршена. Тогаш од компанијата уште и рекоа дека планираат техничкиот прием да почне од јули оваа година.

Да видиме како се движеле исплатите на турската компанија од Министерството за земјоделство.

Првата исплата била направена во април лани, кога на сметката на компанијата биле префрлени 1,21 милиони евра.

Потоа, средства на компанијата и биле префрлени и во следниот месец, мај, и тогаш всушност била направена најголемата поединечна исплата кон компанијата, на износ од 1,57 милиони евра.

Во јуни немало исплата, или барем таква не е регистрирана на платформата Отворени финансии, а средства потоа биле префрлени во јули лани, кога Министерството за земјоделство на „Серка“ и исплатило 801 илјада евра.

Следува исплата и во август, на сума од 785 илјади евра.

Нешто помал износ од 716 илјади евра биле префрлени на сметката на „Серка“ во септември, но затоа во истиот месец имало уште една исплата, на сума од 543 илјади евра, што значи дека во тој месец вкупно имало солидни исплати.

Во ноември лани била следната исплата од 713 илјади евра, а префрлање на средства имало и во декември, и тоа позначаен износ, од 1,15 милиони евра.

Потоа во јануари и во февруари годинава не се регистрирани исплати кон турската компанија „Серка“.

Но затоа, во март веќе следуваат три позначајни исплати и тоа на 15 март, како што говори Отворени финансии, имало две исплати, и тоа првата поголемата на сума од 1,26 милиони евра, како и уште едно префрлање на средства од 580 илјади евра. И, на 22 март била извршена третата исплата, тешка 1,24 милиони евра. Или, вкупно во март има исплати од близу 3,1 милиони евра.

Инаку, договорот со компанијата „Серка“ за изградба на „Брана Конско“ беше склучен од поодамна, па и од самата компанија на неодамнешната прес конференција нагласија дека изградбата на браната првично било планирано да заврши кон крајот на 2020 година, но поради здравствената криза, но и поради бавната работа на некои институции, како и задоцнетото пристигнување на специјални материјали и опрема од странство, кои се дефицитарни кај нас, придонеле да се пролонгира предвидениот рок за завршување на градежните работи.

На браната, чиј капацитет на акумулација изнесува 21 милион метри кубни вода, стручните лица од фирмата изведувач тогаш нагласија дека ќе и треба време за полнење од една до две години, во зависност од количината на врнежи во тој период.

„Браната Конско е од типот на каменонасипни брани со асфалтнобетонско јадро кое се вградува со специјална опрема под буден надзор на стручен персонал. Овој тип на брани во моментов е многу актуелен во светот, а браната Конско ќе биде втора во нашата земја изградена на ваков начин“, изјавија тогаш од компанијата „Серка“.

Инаку, Браната „Конско“ е најголем капитален проект во општина Гевгелија во изминативе 50 години.

Изградбата на оваа брана почна во јули 2018 година, а стартот го означија меѓу другите тошашниот премиер Зоран Заев и министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.
Заев тогаш рече дека овој проект за граѓаните на општина Гевгелија ќе значи реализирање на нивната долгогодишна потреба и желба од навремено снабдување со чиста и здрава вода за пиење, вода за наводнување која ќе дојде до нивите и плодните земјоделски површини, плантажите и фармите, но ќе биде и вода за дотур која ќе значи и спас за Дојранското езеро.

„Водостопанството како стопанска гранка е една од клучните области, таа е основа за развој на земјоделството, но и низа други области од витално значење за нашата земја. Браните со акумулации обезбедуваат повеќенаменско искористување на водите, односно вода за наводнување на земјоделските површини и вода за производство на електрична енергија. Тоа придонесува за енергетска стабилност, зголемување на земјоделското производство и безбедност на храна на национално ниво“, изјави тогаш министерот Љупчо Николовски. 

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести