Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЗАБРАНЕТ ПРИСТАП ДО МИГРАНТИТЕ: Има хуманитарна помош, нема кој да ја дели?!

ЗАБРАНЕТ ПРИСТАП ДО МИГРАНТИТЕ: Има хуманитарна помош, нема кој да ја дели?!
Рапидно расте бројот на бегалци на јужната граница. Секојдневно во земјава влегуваат илјадници лица кои бараат хуманитарна помош. Неа засега ја има, но нема кој да ја подели-реагираат хуманитарците на терен. Од пред неколку дена властите не им даваат можност да влезат во импровизираните кампови во гевгелискиот реон околу железничката станица, па храната мора да им ја предаваат на волонтерите на Црвениот крст кои потоа ја дистрибуираат до мигрантите. Поснаодливите ги пречекуваат мигрантите пред да влезат во кампот и ги снабдуваат со сендвичи  и вода. Ова предизвикало револт помеѓу хуманитарците и донаторите кои сакаат лично да им помогнат и да им покажат на бегалците дека има хумани луѓе кои ќе им подадат рака, а донациите завршуваат на вистинското место. “Веќе неколку дена донациите во храна не смееме да им ги даваме лично на бегалците. Граѓанските активисти кои до вчера и по 24 часа беа на терен и ја делеа помошта, сега мораат да бараат алтернативни начини храната брзо и навреме да стигне до овие луѓе, бидејќи најчесто се работи за сендвичи кои не смее да стојат на отворено долго време. Инспекторатот за храна ги контролира пратките, сендвичите се од локална гевгелиска сендвичара која обезбеди и ладен ланец за транспорт, само да се испочитуваат правилата. Оттука не разбираме зошто да се прави проблем хуманитарните работници да си ја вршат работата. Има многу донатори кои и лично одблиску сакаат да дојдат да помогнат. Како да им објасниме дека нивниот пристап е ограничен?” -реагираат хуманитарците. LENCE Деновиве раскажуваат тие, се чувствува значително намалување на температурите, особено во текот на ноќта. Потребна е потопла облека и храна, но и хигиенски средства. Хуманитарката Ленче Здравкин вели дека е во преговори за добивање на јапонска донација во ќебиња, скафандери  за деца, но поради административно-царински формалности истата ќе мора да почека. Состојбата на терен,  според неа се драматизира особено поради енормното зголемување на бројот на бегалци. Зимата вели допрва ќе ги усложни работите. “Ние сме секојдневно на терен.Помагаме но и бараме донации. Има хумани луѓе, но тие често сакаат да дојдат со нас, да видат лично каде оди помошта. Правиме напори да обезбедиме што повеќе ќебиња и зимска облека. Се бараат хигински средства, бидејќи иако беше ветено сеуште не се пуштени тушевите. Доаѓа зимата па тешко и дека ќе се искористат. Некои од бегалците чекаат и по 20 часа , замислете како може да ја одржуваат хигиената?!  Во меѓузоната на грчка страна кажуваат дека има тушеви, но кога ќе дојдат овде се чека на хуманитарните пакети” –објаснува Здравкин. Активистите се соочуваат и со нов проблем. Од нив се бараат дополнителни административни обврски. Откако надлежноста за состојбата со мигрантите ја превзема Центарот за управување со кризи, велат треба да бараат посебни дозволи за секоја активност. Ова според хуманитарците им ја отежнува работата, па наместо на терен мораат времето да го губат по шалтери. avstrija migranti 7“Очекуваме поголема соработка и полесен пристап до бегалците. Ние на терен не им делиме само хуманитарна помош и толку. Им помагаме со информации као полесно да стигнат до лекар, да извадат документи, да најдат тоалет. Замислете на илјадници луѓе, уплашени и гладни колку им е потребно некој само да ги информира каде точно да најдат соодветна помош. Наредбите и правилата лесно се носат од канцеларија, но на терен состојбата е поинаква,треба да се види и да се доживее” -велат хуманитарците. Тие деновиве ќе бараат средба со надлежните и со локалните власти од кои очекуваат да изнајдат заеднички решенија за непречено работење на хуманитарците. Состојбата со бегалците ја следи и Високиот комесаријат на ОН за бегалци –УНХЦР кој  очекува бројот на мигрантите, кои ќе пристигнат во Европа преку Средоземното Море, оваа година да достигне 400.000, а следната година околу 450.000. С.Б.
Слично

Поврзани вести