ЗАБОРАВИ ЛИ ВЛАСТА НА БРИШЕЊЕТО КАМАТИ И РЕПРОГРАМИРАЊЕТО ДОЛГОВИ - мерката уште ја нема, Владата вели, кроиме закон
Ковид кризата практично поминува, секако, во надеж дека состојбата нема дополнително да ја искомплицира некој нов бран или сој на коронавирусот, но Владата се уште не реализираше некои од ветените мерки од петтиот економски сет.
Како што е познато, кога на стартот на годината власта на голема врата го најавуваше петтиот пакет, една од мерките што беа предвидени, беше репрограмирање на долговите на граѓаните кон јавните комунални препрјатија, како и бришење на каматите на нивните долгови.
Но, и после неколку месеци, нема ништо од таа мерка.
Да потсетиме, главна мерка во петтиот сет беше субвенциониорање на платите на работниците за февруари и март, но и некои други видови помош за најпогодените сектори, како и за најпогодените граѓани. Токму таа клучна мерка, по голем број блокади, народните избраници сепак успеаја да ја изгласаат со големо задоцнување, што значи дека и компаниите си ги добија државните субвенции.
Информациите, пак, целосно стивнаа околу владините најави, дадени токму на пресконференцијата на
која се соопштуваше петтиот пакет, дека ќе се репрограмираат долгови на граѓани
кон јавните комунални претпријатија, и ќе се отпишуваат нивните камати.
За таа мерка премиерот Зоран Заев своевремено најави дека со неа ќе се предвиди, преку законски измени, јавните комунални претпријатија, јавните претпријатија на државно ниво, Управата за јавни приходи, други јавни институции, како и општините, да ги избришат целосно каматите на долговите на граѓаните. Тоа требаше да се однесува за сите физички лица во земјава. Главнината, пак, која ја должат повеќе од три месеци, според најавите, граѓаните требаше да можат да ја плаќаат на 12 рати.
Инаку, како што тогаш беше најавено, оваа мерка немаше да се однесува за долговите на граѓаните кон приватните комунални претпријатија, односно за сметките за струја и за телефон, но се советуваа овие приватни компании дека би било добро, доколку се во можност, да се приклучат кон таа акција, и да им помогнат на најпогодените од кризата и ранливите категории граѓани.
Тогаш од власта кажаа дека со цел оваа мерка да се спроведе, ќе мора да се интервенира во Законот за трговски друштва. Се кажа дека со тие измени сите оние институции и претпријатија кои ќе ја избришат каматата, не би плаќале данок на добивка на избришаните камати
„Мерката за репрограмирањето ќе се направи преку објава на јавен повик во траење од пет месеци, период во кој граѓаните ќе можат да го побараат тоа“, беше најавено тогаш од Владата.
Но, иако другите мерки се донесоа, од оваа се уште нема трага.
Фактор праша во кабинетот на вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, зошто за оваа мерка досега не се донесени соодветни законски измени во Собранието. Се нтересиравме и дали воопшто се планира и кога би се донеле такви законски измени, или, пак, фактот што досега не се донесени, значи можеби дека Владата се откажала од таа мерка.
Од Кабинетот на Битиќи само не информира дека таков закон добиле задача да подготват од Министерството за правда, но никакви детали повеќе не се откриваат.
„За реализација на оваа мерка ќе се изготви законско решение, кое ќе го подготви Министерството за правда. Како и за секоја мерка досега, и за реализацијата на оваа, јавноста ќе биде навремено известена“, ни изјавија кусо од Кабинетот на Битиќи.
Инаку, како што тогаш беше соопштено, петтиот пакет требаше да содржи вкупно 29 мерки, кои вредат 160 милиони евра.
Главната мерка беше финансиска поддршка за плати за вработените - вредна 1.920 милијарди денари. Финансиската поддршка за оваа мерка е скалеста - од 14.500 до 21.776 денари за месечна плата по вработен,во зависност од тоа колкав е падот на приходот во месеците ноември и декември 2020 и јануари 2021 година споредено со ноември и декември 2019 и јануари 2020 година. Ги добиваат оние кои имаат пад во работењето повеќе од 30 отсто во тие месеци.
Мерката е опциона и компаниите имаат можност да ја користат неа или мерката кредити со камата нула во дејностите туризам, занаетчиство, угостителство, транспорт, индустрија за организација на настани, приватни здравствени установи.
Н.Н.Ф.
