Заборавете на Ормуз, вистинската опасност е тука – блокада му се заканува и на вториот најважен теснец во светот
Додека светот е фокусиран на блокадата на Ормускиот теснец поради конфликтот во Иран, аналитичарите предупредуваат на уште една потенцијална „слаба точка“ во глобалната трговија – Малакскиот теснец, еден од најважните поморски коридори во светот.
Блокадата на Ормускиот теснец веќе предизвика сериозни последици: транзитот на бродови е намален за дури 95 отсто, а цените на нафтата и гасот во Европа и Азија се зголемени за 35 до 60 проценти. Доколку кризата продолжи, се зголемува ризикот од нова глобална рецесија.
Но, вниманието сега се префрла и на Малакскиот теснец, кој се наоѓа меѓу Малезија и Индонезија и претставува најкратка морска врска меѓу Источна Азија, Блискиот Исток и Европа. Низ него минуваат околу 22 проценти од светската поморска трговија, вклучително и нафта, течен природен гас, јаглен, палмино масло и железна руда.
Според анализите, овој теснец е дури и поважен од Ормускиот во одредени сегменти, бидејќи во последните години низ него се транспортирале и поголеми количини нафта.
Сепак, Малакскиот теснец има сериозни ограничувања. Иако е долг околу 800 километри, на најтесниот дел е широк само 2,7 километри, што значително го зголемува ризикот од судири и насукувања на бродови. Дури и мали инциденти можат да предизвикаат застој, да го забават транспортот и да ги зголемат трошоците.
Дополнителна загриженост предизвика неодамнешната изјава на индонезискиот министер за финансии Пурбаја Јуди Садева, кој спомена можност за воведување такси за бродовите што минуваат низ теснецот. Иако брзо се повлече од оваа идеја, реакциите беа бурни, а Сингапур и Малезија веднаш се оградија, нагласувајќи дека немаат намера да воведуваат давачки.
Малакскиот теснец е од клучно значење особено за Кина, најголемиот светски увозник на нафта, бидејќи најголем дел од нејзините енергетски испораки минуваат токму преку оваа рута. Потенцијална блокада – поради војна, несреќи или пиратство – би можела сериозно да ја загрози енергетската безбедност на земјата.
Овој ризик во Пекинг одамна е познат како „Малакска дилема“, па Кина веќе работи на намалување на зависноста преку алтернативни рути, како нафтоводи и гасоводи од Мјанмар и Русија.
Сепак, експертите предупредуваат дека и покрај овие напори, Малакскиот теснец останува критична точка за глобалната трговија, чија евентуална блокада би имала далекусежни последици за светската економија.
Телеграф.рсФото:МИА
