За власта невремето е феномен, опозицијата бара одговорност
За власта невремето е феномен, а опозицијата бара одговорност за поплавите.
Со едноминутно молчење, пратениците на денешната седница им оддадоа почит на загинатите во поплавите од 6 август.
Пратеникот Благоја Стојановски од СДСМ, вели дека жртвите не можат да се вратат, но може да им се помогне на оние кои трпат штети. Според него, за она што се случи некој треба да понесе одговорност.
„Некои последици можеа да бидат спречени. Ако атмосферската вода на обиколницата се носеше како што треба, ќе имаше само поплава, но немаше да има жртви. Некој, не морална, туку кривична одговорност треба да понесе“- рече Стојановски.
Министерот за здравство и вицепремиер, Никола Тодоров вели дека невремето беше природен феномен. Додава дека и моќни земји не можат да се справат со вакви непогоди.
„Знам многу лични примери и ја гледам нескршливата волја на моите сопратијци, градоначалници, директори на институции, рече тој и посочи дека државата е пример како се справува со вакви непогоди. Секој кој се фати за лопата е херој на ова време“ - рече тој.
Она што е уништено ќе биде повторно создадено, смета Тодоров.
Седницата се одржува на предлог на пратеничката група на СДСМ, а нејзиното одржување беше поддржано и од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Во невремето во скопско се удавија 22 луѓе.
