За три месеци во Македонија влегле 87 милиони евра странски инвестиции
За првите три месеци од оваа година во Македонија влегле речиси 87 милиони евра странски инвестиции. Тоа во споредба со минатата година е пораст од 10 милиони евра.
Премиерот Никола Груевски смета дека напорите што Македонија ги правеше во минатиот период, преку постојаните Роуд шоуа и со законските измени се валоризираат во извештајот на Херитиџ фондацијата за слободата на економијата каде од 2006 година досега има скок за 35 места.
Експертите сметаат дека бројките се се уште далеку од очекуваните, бидејќи во споредба и со соседните земји Македонија е при дното во однос на привлечените инвестиции.
На 43-тото место од вкупно 180 земји во светот се најде Македонија на најновото рангирање за економски слободи, што го прави американската „Херитиџ фондација“.
Индексот за економски слободи на земјава е најдобар во регионот, но ги покажува и истите слабости како претходните години.
„Корупцијата е сериозен проблем, особено во јавните набавки. Спроведувањето на антикорупциската регулатива е слабо. Владата не ја спроведе стратегијата за реформи во судството. Несигурноста во регистрирањето на недвижен имот и поседување на земја, продолжува да ја поткопува економската слобода. Барањата и процедурите за започнување бизнис се намалени, но добивањето дозвола за почнување на бизнис може да чини пет пати повеќе од просечниот годишен приход. Владата се обиде да ја задржи фискалнта дисциплина на ниво на членство во еврозоната, но во 2013 ги зголеми земјоделските субвенции, социјалните трансфери и пензии“, стои во извештајот.
Од друга страна американското Форин Полиси во најновата листа на најдобри земји во светот за привлекување на инвеститори Македонија ја рангираше на 29 место. Индексот ги оценува државите според осум категории. Форин Полиси објави мапа во која Македонија и Бугарија се водечки дестинации за странски инвестиции на Балканот.
Слично
