За три месеци увезена е струја вредна 50 милиони евра!
Македонија никако да го намали увозот на струја и одливот на девизи.
Дефицитарното домашно производство на електрична енергија од година во година се повеќе се продлабочува. Речиси половина од минатогодишниот увоз на струја на Македонија, сега е направен само за три месеци. Статистичките податоци покажуваат дека само за периодот јануари - март годинава Македонија увезе електрична енергија вредна 49.185.393 евра. За овие први три месеци од 2014 година, земјава дури и извезла струја во вредност од 903.026 евра. Само за споредба, во текот на цела измината година земјава направи увоз тежок 127.844.606 евра. Анализата на Фактор направена врз основа на официјалните статистички податоци покажува дека лани Македонија извезла струја вредна 4,8 милиони евра.
Кое е потеклото на увезената струја?!
Анализата на Фактор покажува дека дефицитарното домашно производство на струја, кое се надоместува со скап увоз најголем дел влегува од Србија и Швајцарија. Статистиката покажува дека за периодот јануари – март годинава увезената струја влегла во Македонија од Србија (25.604.214 евра), од Бугарија (6.996.867 евра), од Швајцарија (11.990.890 евра), од Грција ( 1.341.561 евра) и од Унгарија (3.251.861 евра).
Статистиката единствено го обелоденува потеклото на оваа увезена струја, но не и количината. Оттука, нема официјален податок колку точно киловат/часови струја се увезени за овие милионски суми. Оваа струја во Македонија влегува преку неколку трговци со струја.
Директорот на секторот за трговија со електрична енергија во Руднап, Сања Божиновска, во интервју за Фактор изјави дека трговците кои струјата ја транспортираат до Македонија, преку Србија или Бугарија, не значи и дека ја купиле од овие земји.
“Патот на струјата која стигнува до Македонија, а преку Србија или Бугарија можеби е од Германија, Австрија, Чешка или каде било во Европа, се зависи од одлуката на трговците и оптимизацијата на трошоците. Иако Македонија граничи со четири држави, енергетски е поврзана само со Србија, Бугарија и Грција, од кои што Грција е земја која што увезува голем дел од своите енергетски потреби. Бидејќи Македонија е нето увозник, целокупниот увоз се одвива преку Србија и Бугарија, а во исто време се одвива и транзит на електрична енергија низ Македонија кон Грција. Потребите се покриваат од различни берзи во регионот како што се берзите во Романија, Унгарија, Словенија, Австрија, Германија и Чешка итн.“, изјави неодамна Божиновска.Од 1 април годинава започна втората фаза од либерализацијата на снабдувањето со електрична енергија. Повеќе од 200 македонски компании со повеќе од 50 вработени и годишен приход поголем од 10 милиони евра почнаа сами да купуваат струја на слободниот пазар, избирајќи компанија што ќе ги снабдува. Веќе од 2015 година и домаќинствата треба да почнат сами да купуваат струја по пазарни цени, наместо како до сега, по регулирани од страна на Регулаторната комисија за енергетика. К.П
Слично
