За три месеци потрошени само 7 проценти од парите за капитални проекти: Ќе се скратат ли со ребалансот?
Државата потрошила во првите три месеци годинава само 29 милиони евра за капитални инвестиции. Сумата е само 7 отсто од планираните капитални трошоци за годинава, што значи дека динамиката на реализација на овие, најважни буџетски трошења е исклучително ниска. А годинава во буџетот се предвидени 393 милиони евра за капитални проекти. Веќе е најавен ребаланс на буџетот но детали за тоа како ќе се поместуваат буџетските ставки не се најавени. Секоја година, не е новина, кога се прави ребаланс најмногу се крати кај сумата за капитални проекти. Инаку државата потрошила нешто над 17 отсто од планираниот годишен буџетски дефицит во првите три месеци од годинава. Според најновите податоци во јануари, февруари и март буџетскиот минус изнесува безмалку 51 милион евра.
Дефицитот од странски заеми
За цела оваа година, пак буџетскиот дефицит беше планиран да изнесува 296 милиони евра или 2,7 отсто од БДП, пари кои во најголем дел беше планирано да се обезбедат од странските заеми, односно од позајмената еврообврзница лани.
Инаку ако се анализа структурата на дефицитот во која влегуваат вкупните приливи односно парите со кои се финансира и одливите односно отплатата на државните обврски, во првите три месеци годинава, може да се заклучи дека приливите изнесуваат над 353 милиони евра, додека во исто време одливите изнесуваат 302 милиони евра. Разликата меѓу нив е всушност реализираниот дефицит во буџетот. За отплата на главница на ндворешен долг, државата во овие три месеци платила 208 милиони евра, додека за отплата на главница на домашен долг 94 милиони евра.
Владата планира годинава да позајми точно 288 милиони евра од државни записи. Во првите три месеци позајмила по овој основ 102 милиони евра или околу 35 проценти од планираното.
Сите други со солидна реализација
Ако се анализира расходната страна реалзиацијата е во рамки на предвиденото или вкупните буџетски расходи во првите три месеци изнесуваат околу 30 проценти. Вкупните буџетски расходи изнесуваат 756 милиони евра. Но најмалку од парите кои биле предвидени за трошење се потрошиле токму кај капиталните проекти. Од планираните расходи за плати и надоместоци потрошени се 25 отсто во трите месеци, кај стоките и услугите реализацијата е 18 отсто, а кај трансферите 25 отсто.
Во тој период државата во буџетот инкасирала 703,5 милиони евра.
Александра Мишовска