За Студентски пленум претставниците на студентските парламенти се нелегитимни
Од Студентскиот пленум денеска испратија известување до сите декани на матичните факултети на УКИМ, со кое се бара итно преиспитување на мандатите на студентските претставници во наставно-научните совети на факултетите и утврдување на нелегитимност на претставниците на студентските парламенти на нивните факултети.
Велат изборите се нелегитимни бидејќи беа организирани според непостоечки правилник, датумот на одржување бил по завршетокот на академската година, немало избирачки список и гласачки ливчиња, била нарушена тајноста при гласањето, од избирачките места биле украдени гласачки кутии и слично.
„Изборите за претседател на Студентски парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (СПУКМ) што се одржаа на 30 јуни содржат сериозни повреди на процедурата и на принципите, кои се иманентни на демократскиот изборен процес и кои треба да бидат гарант за остварување на полниот легитимитет кој треба да произлезе од таквиот процес за вистински да се реализира законски обезбеденото право на студентите за учество во управувањето на органите и на телата на Универзитетот и на факултетите“- реагираат од Студентски пленум.
Пленумот бара од сите наставно-научни совети, деканатски управи и деканите на факултетите да не ги признаваат како легални и легитимни претставниците на студентите делегирани од Студентскиот парламент.
