За СДСМ нема услови за фер избори, за Груевски опозицијата се плаши од пораз
Двете најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и денеска се „препукуваа“ за тоа дали има или не услови за фер избори, и за тоа кој бега и кој се плаши од избори.
Од СДСМ велат дека бандата предводена од Никола Груевски е фатена во криминал, не го почитува договорот од Пржино, не сака слободни медиуми, чист избирачки список и не сака фер и демократски избори.
„Во страв од соочување со одговорноста за криминалот и корупцијата Никола Груевски прави се за да ја спаси сопствената кожа. Само за спас на сопствената кожа, Никола Груевски ја турка Македонија во уште поголема криза и меѓународна изолација. Затоа Никола Груевски продолжува упорно да ги лаже граѓаните. Измислените, лажни анкети нема да му помогнат на Никола Груевски“ - реагираат од СДСМ.
Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски опозицијата бега од избори бидејќи се плаши од пораз, а раководството се обидува да си ги спаси политичките кариери.
„Истиот список кој е многу добар кога Заев стануваше градоначалник, а воопшто не чини кога ВМРО победува на избори. Доста е со лагите и наддавањето со 300, 400, 500.000 непостоечки гласови, кога на крајот се сведе на некои 582 избирачи чии адреси не се запишани во сите бази на информации кои се “прочешлуваат“ - вели Груевски.
Груевски вели дека чесните граѓани нема да ги поддржат нечесните работи кои ги прави опозицијата.
