За Савески и Куновски забраната за напуштање на земјата останува
Кривичниот суд пред два месеци им ги врати пасошите на демонстрантите Здравко Савески и Владимир Куновски, членови на „Левица“, но забраната за напуштање на државата останува.
Двајцата се товарат за демолирање на Канцеларијата на претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов за време на протестите против аболицијата. Савески вели дека тоа што цели два месеци не ја тргнаа забраната за излез од државата, го смета за изживување.
„Но, нека не берат гајле, нас не можат така лесно да не скршат. Режимот кој е осомничен за сторен крупен криминал и крадење на народните пари шетаат слободно, борците против криминалот, режимот води постапки против нив“ - кажа Савески по денешното рочиште.
Савески објаснува дека иако во МВР доставиле решение дека мерката за претпазливост е укината, сепак од МВР им посочиле дека потребен е службен допис од Судот. Од Судот велат дека уште еднаш ќе ја извести полицијата дека мерката е укината.
Судењето за двајцата демонстранти кои се членови на политичката партија Левица денеска се соочија со повторно одложување на рочиштето, бидејќи Судот ги нема добиено сите прекршочни постапки кои се водат за целиот настан. Судот уште чека да се достават сите прекршочни пријави и да се направи проценка кој колку направил штета на објектот.
Од страна на Јавното правобранителство штетата беше проценета на 522 илјади денари. Судењето ќе продолжи на 18 следниот месец.
