За прв пат казнети две банки со двајца директори во Македонија за непријавување сомнителни трансакции
Две македонски банки и двајца нивни директори за прв пат во историјата се казнети парично за непријавување на сомнителни, односно невообичаени трансакции на своите клиенти низ нивните системи. Ова било утврдено при трите надзори за кои информира Управата за финансиско разузнавање во деловните банки во текот на 2019 Банките и одговорните лица веднаш ги платиле десетиците илјади евра казна, односно преку можноста со порамнување во рок од осум дена, по што на крајот глобата им се фатила двојно помалку.
Првата банка не доставила податоци и информации до Управата кои и биле потребни за следење на тековите за евентуално перење пари на клиентите. Од максимална парична казна од 80.000 евра, на банката и е изречена глоба во износ од 72.000 евра, а за директорот 21.600 евра. Бидејќи паричните санкции ги платиле во рок од осум дена, износот бил 36.000 евра за правното и 10.800 евра за физичкото лице.
Втората банка и нејзиното одговорно лице не ги анализирале невообичаените големи трансакции кои минале низ нивниот систем со цел потоа управата да утврди дали се работи за евентуално перење на пари или финансирање на тероризам. Против банката изречена е глоба во износ од 27.000
евра, а за директорот 8.100 евра. Преку понуденото порамнување, платиле казна од само 13.500 евра, односно 4.050 евра.
За недоставување податоци биле казнети две сметководствени бироа и нивните директори од само 10 редовни проверки на овие друштва во текот на 2019. Поради недоставени податоци, биле казнети двете бироа заедно со 38.500 евра и директорите со 11.550 евра вкупно и тоа со порамнување, односно двојно помалку поради плаќање на казната во брз рок. Казнет со порамнување бил и еден нотар со 13.200, односно 6.600 евра со плус една година забрана за работа. Прекршочни пријави има уште за пет адвокати и адвокатски канцеларии и уште 4 нотари, кои одбиле да ја платат казната.
Минатата година се забележува построг пристап од управата кога станува збор за делење на казни поради непријавување на сомнителни, економски неоправдани и невообичаени трансакции или криење на вистински сопственици. Вкупните изречени казни, и тоа сите двојно помалку откако биле платени без приговор, изнесувале 121.000 евра, што е многу повеќе од претходните години, кога глобите изнесувале само 11.700 евра во 2018 и 5.850 евра во 2017.
Во 2018 била утврдена пасивност само кај една брокерска куќа, менувачница и сметководствено биро. Во 2017 санкционирано било само едно финансиско друштво за брзи кредити. Во 2016 и 2015 воопшто немало никакви казни, а биле само опоменувани неколку агенции за недвижности и сметководствени канцеларии. И пред овие години банките воопшто не биле предмет на контрола, а единствено биле опоменувани казината.
А.К.
