За прошетки во Италија од касата на Центар се одлеале 1,5 милиони евра!
За пет години потрошени се 1,5 милион евра од касата на општина Центар само за авионски карти, летови и ручеци во Италија, покажала ревизијата во општината која се спроведе по барање на новото општиско раководство. Парите биле потрошени во периодот од 2008 до 2013 година од страна на поранешните градоначалници, раководителите и скулпторите кои патувале главно во Фиренца, каде што се правеа голем дел од спомениците подоцна поставени на Плоштадот во Скопје.
Како што истакна градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, на товар на Општина Центар патувале 57 лица со оправдување дека треба поблиску да се запознаат со условите каде што ќе се леат спомениците за Скопје 2014. Само скулпторката Валентина Стефановска, во Италија заминала 25 пати на општински трошок, но патувале и општинари кои немале никаква врска со проектот.
„Трошокот за авионски билети е нешто помалку од 1 милион евра, или вкупно 1.5 милион евра се потрошиле за патување и сместување во Италија. Прашувам што барал претседателот на Советот таму и кој се согласил буџетот на Центар да се олесни за 1.5 милиони евра“, изјави Жерновски кој се жалеше дека на почетокот на својот мандат ја затекнал целосно испразнета општинската каса.
Денеска Жерновски го достави до Основното јавно обвинителство првиот дел од наодите со ревизијата на документите од Центар, а поврзани со проектот Скопје 2014.
Слично
