За пописoт се размислува, за избирачкиот список се спори
Владата уште е во фаза на размислување околу попис на наеселението, изјави денеска премиерот Никола Груевски.Не кажа кој е виновен за пропаднатиот попис пред две години, за кој рече дека од него има лоши искуства. Сепак за изборачкиот список ја „искара“ Државната изборна комисија(ДИК) и упати и повик-да го прочистат.
„Надлежноста за пречистување на Избирачкиот список е исклучиво на ДИК. Го поставувам прашањето зошто шест месеци не го почнуваат тоа и ги повикувам јавно да го почнат веднаш и да го завршат за да не бараат потоа алиби дека поразот којшто ќе им следи доаѓа заради тоа што списокот не бил пречистен или други алибија коишто се поврзани со Избирачкиот список“, истакна Груевски.
За претседателот на ДИК Борис Кондарко, неосновани и неточни се сите обвинувања за како што рече, наводно кочење на работата на ДИК. Во реакција на премиерската изјава , тој вели дека Комисијата си ја работи работата.
„Од лани, во континуитет функционира Работната група за проверка на Избирачкиот список, формирана од Управувачкиот комитет на високо ниво при Секретаријатот за европски прашања на Владата на Република Македонија. Со оваа група претседава членот на ДИК, Бедредин Ибраими, а во нејзината работа учествуваат претставници на министерствата за внатрешни и на надворешни работи, за правда, Државниот завод за статистика, Комисија за заштита на лични податоци, Мост, ОБСЕ, Амбасадата на САД и ДЕУ. Работната група секогаш заседава јавно, пред медиумите“, стои во соопштението на Кондарко, кој додава и дека ангажирани се експерти на ОБСЕ-ОДИХР, кои ќе дадат свои анализи и препораки во врска со Избирачкиот список.
Со своја реакција се јави и СДСМ. Велат владејачката партија лесно ќе ја среди работата.
„Доколку ВМРО-ДПМНЕ е навистина заинтересирана за прочистување на Избирачкиот список, тоа може да го направи многу едноставно. Нека им даде задолжение на членовите на ДИК од нивните редови, да не ги опструираат и да ги поддржат сите активности на ДИК за прочистување на Избирачкиот список. Дополнително, укажуваме дека за Избирачкиот список вистинската адреса е МВР коешто го подготвува списокот и го праќа до ДИК. Токму МВР на криминален начин запиша фантомски гласачи, со цел ВМРО-ДПМНЕ да манипулира со изборите“, посочуваат од СДСМ.
Оттаму обвинија дека примената на препораките на ОБСЕ и ОДИХР за измени во Изборниот законик, Груевски и ВМРО-ДПМНЕсо години ја избегнуваат. Според опозицијата, токму немањето волја за нивна имплементација од страна на Груевски, фрла сенка врз неговите искрени намери за фер и демократски избори.
Слично
