Економија, финансии, бизнис

Контакт

За плински уред до 18 илјади денари, но возилото не смее да биде постаро од 2005

За плински уред до 18 илјади денари, но возилото не смее да биде постаро од 2005

Во објавената програма од Законот за возила за субвенционирање на дел од трошоците за купување и вградување на уред за погон на плин или метан Владата предвидува до 18 илјади денари по автомобил, но истиот не смее да биде постар од 2005 година, односно произведен пред оваа година.

Вкупните средства, како што беше најавено, остануваат во истиот износ од 15 милиони денари. Со истите ќе може да се надополнат само половина од трошоците за купен и вграден уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилото.

Надоместок ќе се врши за само едно возило во семејство, а истиот сопственикот на автомобилот ќе го добие само ако го вгради уредот по денот на објавувањето на јавниот повик. За таа цел, Министерството за економија во текот на месец ноември ќе го објави јавниот повик и истиот ќе трае 30 дена. 

По завршувањето на јавниот повик, во декември министерството ќе отпочне со разгледување и избор на физички лица кои ќе бидат субвенционирани и ќе започне со уплата на износот на сметката на сопственикот на возилото а за доказите ќе одлучува комисија од три члена и нивни заменици. Изборот за тоа кој ќе ги добие парите на својата сметка ќе се прави по принципот „прв дојден прв услужен“ односно по редослед на поднесување и пристигнување на барањата до целосно исцрпување на средствата. 

За да дојдат до парите, купувачите ќе треба два пати да одат на нотар - еднаш за изјава за веродостојноста на податоцитена приложената документација и еднаш за заверена копија од сообраќајната дозвола за возилото во која е евидентирана промената во автомобилот. За вториот документ замена може да биде потврда за вграден уред за погон на течен нафтен гас или компримиран земјен гас во возилото издадена од регистрираниот сервис.

Покрај тоа, треба да се приложи и фискална сметка со сметкопотврда или уплатница со извод од деловна банка за извршено плаќање за купување и вградување на уред, покрај фотокопија од лична карта и број на трансакциска сметка. 

Министерот Крешник Бектеши претходно изјави дека очекува со оваа мерка да бидат опфатени околу 1.200 возила на годишно и дека програмата се должи на барањата на граѓаните со главна цел да се намали загадувањето на воздухот.

Пари за овие субвенции беа обезбедени со неодамнешниот ребаланс на буџетот и со изгласувањето на Законот за возила во Собранието. Со овие законски измени предвидени се и субвенционирање на купување на нови возила со исклучување на старото како и воведување налепници, но деталите се уште се непознати.

Александар Кузмановски

Слично

Поврзани вести