За опозициските пратеници ќе се исплаќа само една третина од платата
Пратениците кои го бојкотираат работењето на Собранието од 1.1.2013 година ќе земаат само по една третина од платата која им била исплатена последниот месец, беше соопштено денеска од Собранието на Република Македонија, а по одржаната редовна координација на претседателот на Собранието со потпретседателите на Собранието и координаторите на пратеничките групи, на 31 декември 2012 година.
Станува збор за пратениците од опозицијата и тоа од СДСМ, НСДП, ЛП, ПЕИ, СЛ и од НДП, како и други пратеници дел од нивните пратенички групи, кои го бојкотираат Собранието.Како што е наведено во соопштението, покрај за тековните активности на Собранието за периодот кој следи, на средбата присутните разговарале и за активирање на член 1 од Законот за дополнување на Законот за пратениците (Службен весник на РМ бр. 51 од 13.4.2011 година), односно за трите става кои предвидуваат висината на платата на пратеник кој не учествува во работата на Собранието по јавно дадена изјава на пратеничка група чиј член е дека пратеничка група нема да учествува во работата на Собранието изнесува една третина од платата која му е исплатена во последниот месец.
На координативната средба исто така станало збор и за неопходноста од работата на формираниот правен тим во насока на документирање на сите аспекти за случувањата од 24 декември, како и од детектирање на одговорностите како последица на постапките, кои како што стои во соопштението, го нарушиле угледот и достоинството на Собранието на Република Македонија.
За време на координацијата постигната била согласност и за потребата од евидентирање на штетата направена при опструирањето на работата во неколку наврати на Законодавно-праваната комисија, при узурпирањето на фоајето пред Сала 1 на 23 и 24 декември, како и при недоличното однесување во пленарната сала на Собранието на 24 декември, кога како последица на непримерно однесување на пратениците од опозицијата беше нанесена и поголема штета на системот за гласање, мониторите на претседавачката маса, озвучувањето, како и на севкупната техника која овозможува нормално функционирање и реализирање на една пленарна седница, се вели во соопштението.
