За опозицијата Иванов го прекршил Уставот, за ВМРО-ДПМНЕ работел законски
Пратениците од опозицијата денеска во Собранието обвинија дека со аболицијата претседателот, Ѓорѓе Иванов го прекршил Уставот, а од ВМРО-ДПМНЕ го тврдеа спротивното дека работел согласно Уставот и Законот за помилување.
Опозицијата бара оставка од Иванов и сметаат дека треба да присуствува на седницата. Претседателот стана симбол на „груевизмот“, со одлуката за 107 помилувања на 56 лица донесени во еден ден, рекоа од опозицијата.
„Во ситуација кога земјата е во тешка политичка и уставна криза, Горѓе Иванов со своето неуставно, незаконско, неодговорно и арбитрарно однесување, долеа масло на огнот и ја продлабочи кризата. Тој со дадените аболиции сакаше да ги затвори вратите за правдата, правичноста, еднаквоста и одговорноста во Република Македонија. Всушност тој сакаше да ги затвори вратите за решавање на кризата бидејќи кризата ќе заврши кога во Македонија повторно ќе се воспостави правната држава и правдата“ - изјави Рената Тренеска Дескоска од СДСМ.
Мнозинството во Комисијата за импичмент констатираше дека нема основа за одговорност на претседателот. Беше кажано дека тој има повеќе гласови од оние кои бараат негова оставка.
“Кога сме кај бројките сакам да ве потсетам дека човекот за кого што барате импичмент е личност која што во 26 години демократија и плурализам освоил најмногу гласови. Повеќе од пола милион гласови, тоа е за почит и за респект“ - рече Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ.
Предлогот за импичмент на Иванов, е поднесен од СДСМ, ДУИ и независните пратеници.
Одлуката за почнување постапка пред Уставниот суд за утврдување на одговорност на претседателот, треба да ја донесат две третини од вкупиот број пратеници или најмалку 82 пратеници.
