За Нова Година без четири плати, печатница од Тетово избега од работниците во Скопје
Вработените во печатницата „Напредок“ од Тетово подготвуваат тужба за сопственикот откако пред Нова Година останаа без четири неисплатени плати, а згора на тоа фирмите „Напредок еден“ и „Напредок принт“ сега се преселени во Скопје.
Од декември, не само што двете фирми се преселени во центарот на Скопје, променет е и управителот. Наместо тетовецот Мирослав Грнчароски, сега сопственикот бил застапуван од скопјанецот Саше Ангеловски.
На минатонеделниот состанок со гранковиот синдикат на Сојузот на Синдикати на Македонија на Ангеловски му било кажано дека ќе следува тужба. Претставникот на ССМ вели дека не вродило со плод ниту реакцијата на Државниот инспекторат за труд.
Станува збор за педесетина вработени, главно на возраст помеѓу 50 и 60 години, на кои со месеци им доцнат платите, иако печатницата има работа и печати за „Просветно дело“ и „Службен весник“. Поради доцнењето, тие не го добиваат редовно ниту здравственото осигурување. Поголемиот дел од нив, според она што беше претходно објавено пред јавноста од синдикалниот лидер, се пријавени на минимална плата.
Според работниците, двете фирми не се загубари, односно печатат учебници и службени материјали. На само три дена пред Нова Година беше добиен тендер за печатење на „Службен весник“ во висина од 8,3 милиони денари.
- Минатата недела имавме средба на која работниците беа застапувани од адвокат, а на другата страна беше новиот управител. Тие не го добија она што го очекуваа и сега ќе биде покрената тужба за неисплатени плати и за непостапување по увид на трудов инспекторат, ни изјави Слаѓана Миливојевиќ, претставничката на гранковиот синдикат.
Таа потврди дека едната фирма на „Напредок“ на работниците им должи четири, а другата на вработените им нема исплатено вкупно три плати, како и тоа дека раководството им кажало дека нема да добијат исплата за Нова Година. Нејзините информации се дека двете фирми сега се префрлени во простории на „Просветно дело“ во Скопје.
Пред два месеци беше објавено дека се размислува од страна на ССМ да се поведе стечајна постапка, но дека во тој случај работниците би останале без работа, а фирмата нема да функционира.
А.К.
