Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЗА НЕВЕРУВАЊЕ: Српските угостители уште мора да носат „боросанки“ иако веќе не се произведуваат!

ЗА НЕВЕРУВАЊЕ: Српските угостители уште мора да носат „боросанки“ иако веќе не се произведуваат!
Угостителите во Белград денеска напладне ја прекинаа работата и ги затворија кафаните и кафулињата во траење од еден час, во знак на протест заради честите инспекции кои велат дека им ја прават невозможна работата. Според угостителите, улогата на инспекциите треба да биде советодавна, заради специфичноста на угостителската дејност, а не само да се спроведува казнена политика која не придонесува за ништо. „Сметаме дека мора да има дијалог и мислиме дека е нормално најпрвин да се предупреди, а потоа да се тргне со помали парични, па дури на крај со драконски казни. Мерката затворање на локалот е најлоша можна мерка“, смета Небојша Дапчевиќ од белградскиот клуб „Мадера“. Дел од угостителите се жалат и на застарени прописи, од кои дел не се променети од 90-тите години, па и повеќе. Така, на пример, истакнуваат дека особено доцнат подзаконските акти - во Србија се уште постои правилник според кој мора да носат обувки „боросанки“ кои воопшто не се произведуваат веќе никаде. Доколку инспекторот се придржува до ваков правилник, постојано би требало да пишува казни, но и инспекторите знаат дека тоа е нелогично. На овој начин, настанува таква ситуација, во која секој инспектор постапува според свое толкување. Инспекциите, пак, тврдат дека само ја работат својата работа и го спроведуваат законот. Само даночната инспекција во изминатите неколку недели контролирала над 1.000 даночни обврзници и кај 40% открила дека го кршат законот. Некои добиле забрана за работа до два месеца, а други прекршочни пријави или парични казни, во зависност од прекршокот.
Слично

Поврзани вести