Економија, финансии, бизнис

Контакт

За „Монструм“ се протестира од Берлин до Тирана

За „Монструм“ се протестира од Берлин до Тирана

Албанската дијаспора во Берлин организираше протести против пресудата за случајот „Монструм“ во Македонија, а протести се организираат и пред македонските амбасади во Тирана в петок и во Приштина денеска.

Македонските амбасади се под засилено полициско обезбедување. Протестите се организираат на Фејсбук, преку посебна страница „Етничка Албанија“, под мотото „Да протестираме за нашите браќа Албанци“, а ги поддржаа и повеќе личности од јавниот живот, политичари и естрадни ѕвезди.

Освен за пресудата „Монструм“, организаторите велат дека протестот е одраз на осуда за „бруталната полициска акција и тортура на полицијата врз Албанците во Скопје“.

Протестите ги поддржа и поранешниот албански премиер Сали Бериша, кој смета дека тие претставуваат „легитимна реакција на растечката албанофобија во земјава“.

„Ги повикувам меѓународните институции и пријателските земји да дадат помош со цел да им се стави крај на албанофобните пракси во Македонија“, порача Бериша на Фејсбук.

По британската Влада, и американскиот Стејтдепартмент ги предупреди своите граѓани за протестите што се случуваат во Македонија по пресудата за „Монструм“.

„Би сакале да ги потсетиме граѓаните на САД дека дури и собири кои се предвидени да бидат мирни, може да ескалираат во насилство. Избегнувајте области каде има собири и бидете претпазливи во близина на било какви големи собири, протести, или демонстрации“, стои во соопштението.

Слично

Поврзани вести