За министерот Попoски доаѓањето на Хајндл е позитивен сигнал од Берлин
Официјална потврда за утрешното пристигање на германската булдожер дипломатија и Јоханес Хајндл во Скопје од министерот за надворешни работи Никола Попоски.
- Се работи за позитивен сигнал со самиот факт што Германија покажува интерес дека сака да биде подиректно вклучена во процесите кои се случуваат во нашиот поширок регион и конкретно во РМ. Има најмалку две работи за кои Германија може да ни помогне. Првата се однесува на зацврстување на кредибилитетот на повеќе повторени ветувања за тоа дека Македонија има иднина во рамки на ЕУ. И мислам дека тоа е сигнал кој треба да го очекуваме од Берлин. И втората работа е сигналот дека постои интерес кај Германија да биде вклучена со што де факто се испраќа и сигнал дека не сме оставени сами на себе во еден долг временски период да имаме неизвесност околу можностите воопшто да се приближуваме кон ЕУ во услови во кои самата ЕУ е соочена со сопствени предизвици, рече Попоски кој денеска се обрати на предавање пред студентите од Виенската дипломатска академија во македонското МНР.
Попоски како негативно го оцени повлекувањето на препораката на ЕК за почеток на преговорите во контекст на вчерашната изјава на евроамбасадорот Аиво Орав за итно надминување на политичката криза.
- Тоа би било негативно за Македонија во кој било аспект, од економски, од политички аспект, како и од аспект на нашите аспирации за членство во ЕУ. Затоа мислам дека треба да направиме се такво нешто да не се случи и мислам дека ова треба да го гледаме во една поширока рамка. Македонија веќе шест години има докажано, покажано и тоа е утврдено и од ЕК и од ЕП, дека е способна и нема никакви пречки да води преговори за членство со ЕУ. Знаеме која е клучната пречка за водење преговори. Секако дека во тој временски период поголем е ризикот да се зголемат фрустрациите и да се изгуби од видик пошироката слика за членство на Македонија во ЕУ, рече Попоски.
