Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЗА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА ВЛАДАТА МУ ВОЗВРАТИ НА КСС - не можеме да го кршиме законот, таа ќе продолжи да расте во согласност со него

ЗА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА ВЛАДАТА МУ ВОЗВРАТИ НА КСС - не можеме да го кршиме законот, таа ќе продолжи да расте во согласност со него

Владата контра КСС. Велат дека минималната плата ќе продиолжи да расте, а обвинувањата на Конфедерацијата на слободни синдикати и нивните барања, за власта се неосновани.

Од Владата тврдат дека минималната плата во земјава ќе продолжи да расте согласно законот, и не може да се постапува спротивно на ова законско решение за минимална плата.

„Од 2017 година минималната плата е покачена за шест илјади денари и ќе продолжи да расте во согласност со Законот за минимална плата. Неприфатливи се барањата на претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) Благоја Ралповски, Владата и Министерството за труд и социјална политика да постапуваат спротивно на Законот за минимална плата. Сметаме дека обвинувањата на КСС се несериозни и неосновани“, се вели во владината реакција.
Оттаму нагласуваат дека институциите се должни да го почитуваат и доследно да го спроведуваат законот, затоа што само на тој начин граѓаните и работниците ќе бидат заштитени и нема да се соочуваат со неизвесност.

„Со цел да овозможиме широк и сеопфатен дијалог, Владата и Министерството за труд даваат можност на сите чинители да дадат свој придонес во дебатата за економско-социјалните прашања“, велат од Владата.
Потенцираат и дека КСС, иако нема утврдена репрезентативност, е дел од дијалогот што се води на Економско социјалниот совет, но можноста за гласање ја имаат само репрезентативните претставници на работниците и на работодавачите.

„За жал КСС, во услови кога во Економско-социјалниот совет сé уште не е затворено прашањето за покачување на минималната плата, ја манипулира јавноста и ја злоупотребува можноста што им е дадена да присуствуваат на тие состаноци“, се потенцира во владиното соопштение. 

Во однос на колективното преговарање, псак, нагласуваат дека тоа е процес што се одвива помеѓу социјалните партнери потписници на колективниот договор. Владата, тврдат, дава поддршка и го охрабрува колективното договарање меѓу работодавачите и работниците, но нема законски ингеренции да влијае на тој процес.
Ова следува откако КСС денеска на прес-конференција соопшти дека нивно барање е минималната плата да биде над 16.000 денари, а при нејзиното утврдување да се изземе БДП, но според нив, ваквото барање е одбиено од страна на вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерката Јагода Шахпаска, а членовите на Конфедерацијата кои го образложиле, биле исклучени од вчерашната седница на Економско-социјалниот совет.

Конфедерацијата го квалификува ваквиот однос како дрзок и арогантен. Воедно се пожали и дека е под постојан притисок на оваа власт. Притоа упати јавно барање за средба со надлежните и најави дека ако тоа не се случи, ќе го радикализира делувањето преку организирање протести, па и генерални штрајкови.

„Вчера имаше Еконоско-социјален совет на кој учествуваме и ние. Се разговараше за висината на покачувањата, односно за усогласувањето на минималната плата. Согласно Законот, секоја година во март минималната плата се усогласува по три параметри: трошоците за живот, порастот на минималната плата и БДП. Како синдикати, побаравме од функционерите присутни на ЕСС, годинава да не се земе предвид третиот параметар – БДП зашто знаеме во каква состојба беше државата лани и дека тој е во минус. Побаравме да биде искажана солидарност кон работниците и минималната плата да достигне некое ниво во рамки на кое работниците ќе имаат пари барем за основни средства. Од страна на вицепремиерот Битиќи и министерката Шахпаска бевме одбиени во ова наше барање. Ни беше укажано дека ќе работат само согласно Законот за минимална плата и дека мора да се земат предвид сите три параметри во усогласувањето“, истакна претседателот на КСС, Благоја Ралповски.

Членовите од КСС се повикале на членот 8 од Законот кој, како што рече Ралповски, четири години не се почитува и се игнорира.

„Во членот 8 од Законот што го циитравме пред премиерот, прашавме дали ќе го почитуваат како и членот 4 во делот на усогласувањата на Законот за минимална плата. Членот 8 во изминатите четири години не беше почитуван од страна на власта, беше игнориран. Четири години КСС бара овој член да се почитува. Ги прашавме јавно и Битиќи и Шахпаска, а тие на дрзок начин не исклучија од седницата, ни го одземаа зборот и не дадоа да разговараме врз основа на Законот за минимална плата. Затоа КСС се држи надвор од ЕСС, затоа се бараат подобни социјални партнери кои ова ќе го проголтаат. Но, ние нема да го проголтаме. Баравме БДП како параметар да не се вреднува, да биде нула за да имаме поголемо покачување на минималната плата. Затоа се одложи оваа седница. Седница ќе има следната недела“, истакна Ралповски.

Слично

Поврзани вести