За кредити за патишта оваа година ќе платиме двојно повеќе
За испллата на кредити за изградба на патишта кон странски финансиски институции за оваа година ќе бидат потребни речиси двојно повеќе пари отколку минатата година.
Во објавената програма за работа на јавното претпријатие „Државни патишта“ проектирано е дека во 2026 ќе се исплатат 7.463.668.000 денари, или тоа би значело 120 милиони евра за меѓународните кредитори. Ако се спореди со програмата за минатата 2025, за лани биле предвидени само 65 милиони евра за враќање на ратите и каматите.
Само за исплата на пресметани камати ќе бидат потребни околу 20 милиони евра, или попрецизно - 1.117.000.000 денари. За отплата на тековните рати се предвидени 5,6 милијарди денари, односно околу 90 милиони евра и во овој дел разликата е најголема во однос на претходните години.
Најголем дел од парите ќе бидат насочени кон најголемите финансиери - Европската банка за обнова и развој и кинеската Ексим банка. Плус тоа, посебно во 2026 ќе се исплатат 12,5 милини евра од ЈПДП кон Министерството за финансии поради активирана државна гаранција од кинеската Ексим банка за автопатот Кичево - Охрид. Дел од репрограмираниот долг кон кинеската банка е всушност долг кон Министерството за финансии, затоа што јавното претпријатие не можело самостојно да го исплати.
- За отплата на репрограмираниот долг кон Министерството за финансии планирани се 746.668.000 денари. Долгот кон Министерството за финансии произлегува од отплатите на ануитетите кон Ексим банка, кои за Јавното претпријатие ги изврши Министерството за финансии, а потоа беа склучени договори за репрограмирање на долгот, пишува во програмата.
Инаку во овие долгови не влегуваат средства за работењето на конзорциумот Бехтел и Енка на автопатите од Коридор 8 и Коридор 10Д. Тие пари даѓаат директно од државниот буџет и во 2026 се предвидени 105 милиони евра.
Целокупните приходи на „Државни патишта“ во текот на оваа година, по сите ставки, се очекува да бидат повеќе од 510 милиони евра.
А.К.
