Економија, финансии, бизнис

Контакт

За кои проекти чекаме пари од ЕБОР: Анѓушев и Тевдовски на средба со Чакрабати

За кои проекти чекаме пари од ЕБОР: Анѓушев и Тевдовски на средба со Чакрабати

Сума Чакрабати, претседателот на ЕБОР кој денеска е во Скопје ќе се сретне со вицепремиерот Кочо Анѓушев и со Драган Тевдовски, министерот за финансии.

Посетата на Чакрабарти, е во рамки на неговата регионална посета на Западен Балкан, која доаѓа како подготовка пред Годишното собрание на ЕБОР, кое се одржува следната недела во Сараево. Тој ќе оди и во Сити мол чија изградба е финансирана од ЕБОР.

Од ЕБОР, информираат дека ова е прва посета на Чакрабарти по усвојувањето на новото име на земјата, кое Банката го гледа како позитивен чекор кон привлекување на инвестициите во регионот.

Претседателот на ЕБОР, се вели во соопштението, ќе ја потврди посветеноста на Банката во однос на натамошните инвестиции во земјата и на Западен Балкан, а ќе ја истакне и позицијата на Банката како стратешки партнер на Северна Македонија, која до денес е водечки институционален инвеститор со 1.9 милијарди евра во 150 проекти.

Минатата година ЕБОР ги интензивираше активностите на Западен Балкан, инвестирајќи над 1.1 милијарди евра во 67 проекти и планира да го задржи или за нијанса да го зголеми нивото на досегашните регионални инвестиции, се наведува во соопштението од ЕБОР.

Од кабинетот на Тевдовски соопштија дека тој заедно со претседателот на Владата Зоран Заев, ќе учествува на Годишните средби на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), кои ќе се одржат од 7 до 9 мај во Сараево, Босна и Херцеговина.

„Во рамки на средбите министерот за финансии ќе се обрати на панелот за инвестициски можности во регионот, каде ќе зборува за потенцијалите за инвестирање во нашата земја. Тевдовски има средби и со првиот потпретседател на ЕБОР Јирген Ригтеринг и Сузан Горансон, директорката на ЕБОР за проекти од општинска инфраструктура и животна средина. Во рамки на средбите Тевдовски ќе има прилика да оствари средби и со повеќе министри за финансии од регионот, како и со инвеститори, соопштија од МФ.

Оттаму велат дека годишните средби на Европската банка за обнова и развој се одлична можност да се сврти вниманието кон потенцијалите за инвестирање во земјава, како и да се зборува за тековни и идни проекти кои ги финансира банката. Главна тема на годинешните средби ќе биде „Поврзување на економиите за посилен раст“.


Слично

Поврзани вести