За кого бијат камбаните?
„Експлозијата“ на првата „бомба“ од Заев - според која во изминатите неколку години во Македонија неовластено се прислушувани над 20.000 граѓани веќе неколку дена со ред предизвика запрепастување, загриженост , неверување. Во редовите на власта и нејзините поддржувачи предизвика збунетост, меѓутоа, вториве, набрзо се созедоа и тргнаа во контранапад. Не им е важно што со години се случувало такво недело, туку многу битно им било кој ги лиферувал снимените материјали и транскрипти. Според нив, тоа е клучниот грев. А тоа што на илјадници луѓе им се загрозиле правата на слобода, на вториве очигледно не им е проблем.
Воопшто не ги интересира што со распространетата практика на неовластено прислушување, се повредени правата на илјадници граѓани. Важно е да се осуди „гласникот“ кој го изнесе на виделина злоделото, а не тие што го направија или го овозможија.
Ова потсетува на анегдотата со Наполеон. Францускиот војсководец практикувал кога ќе однесел некоја воена победа да почне да бие камбаната во најблиското место и потоа, тоа да го сторат и другите камбанарии штом го чујат звукот, се’ до Париз, за престолнината да ја чуе победничката вест во текот на денот. Арно, ама, за една таква победа парижаните не биле навреме информирани и изостанале славеничките свечености. Императорот побарал да се утврди каде настанал „куршлус“.
Дознале во кое место се случил прекинот на биењето на камбаните и го довеле одговорниот пред императорот и тој го прашал зошто не биела камбаната во неговото село. Тој се подумал и рекол дека има повеќе причини за таквиот пропуст. Прво, дека камбанаријата нема камбана, второ..... Наполеон не го оставил да продолжи со објаснувањето и остро го прекинал: Не ме интересира другото. На Наполеон му било јасно дека камбанаријата не биела зошто нема камбана. Другите аргументи не му биле потребни за да му се дообјасни ситуацијата, и го отепал одговорниот на камбанаријата.
Во овој момент за нас е клучно зошто се прислушувало неовластено во такви димензии, а не, кој ги лиферувал документите. Тоа треба да се утврди во посебна постапка.
Во нашиот пример постапувањето на властите е обратно. И покрај јасните документирани изјави дека се работи за неовластено прислушување на илјадници граѓани, на кои им се повредени уставните права (што е недопуштено само по себе), од страна на властите и од нивните приврзеници се бара кој ги доставил информациите. И уште повеќе, без да ги видат документите, ги оптужуваат „гласниците“ на лошата вест, дека тие соработуваат со странски служби и дека од нив се лиферувани заради нивни интереси (што се претставува како вина на гласниците).
Во меѓувреме веќе уапсија неколку луѓе од МВР. И наместо да ја преиспитаат сопствената одговорност за слученото, вината настојуваат да ја префрлат на друг. Притоа, забораваат дека независно од каде се лиферувани документите вината е нивна. А тоа што се работи за операција на прислушување од поголеми размери, извесно е дека надлежните или активно учествувале во неовластеното прислушување или пак, со нечинење, овозможиле некој, па и од надвор, да го направи тоа. Одговорноста во двата случаи е нивна.
Од овој аспект гледано, бессмислено е со формирање на друштва за одбрана на Македонија од „предавници“ и натаму да се врши поделба на Македонците со намера да се конфронтираат меѓу себе. Целта на вистински одговорните за настанатата ситуација е да го свртат вниманието од себе си и да ја избегнат заслужената казна за кршење на уставно загарантираните слободи и права на граѓаните. Кога и да е, тоа ќе мора да се случи доколку имаме среќа да излеземе на патот на демократијата. А моментално, високо морални личности во власта најмалку што можат и треба да направат е да поднесат неотповикливи оставки на своите функции. За тоа е повеќе од доволно што неовластено се прислушувани илјадници граѓани. А да не споменуваме дека во нив се наоѓаат и првенците на политичките партии во земјата, па и министри на владејачката партија.
Замислете што интереси можат да се остваруваат со неовластено прислушување во политичката борба кога се контролира 1% од вкупното население. И не е случајно што неовластеното прислушување е казниво дело. Очигледно, не се работи за случајности. Станува збор за систем. А таков систем не им треба на Македонците.
Р.Ф.
Слично
