За Груевски е неприфатливо формирање на специјални одделенија
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски за предлозите на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева за формирање специјално одделение во МВР и во судството, како и продолжување на рокот на СЈО, изјави дека тоа е надвор од Пржинскиот договор. „За нас тоа не е прифатливо“ - кажа Груевски денеска при посетата на општините Долнени и Ропотово каде изврши увид во градежните активности. За формирање на специјално одделение во МВР и во судството, се почесто се зборува во јавноста. Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков вчера кажа дека е против и дека тоа за него е нелогично. Овие одделенија ако се формираат ќе ги процесуираат случаите на СЈО. Американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски работи, Викторија Нуланд деновиве при својата посета во Скопје изјави дека е важно да се поддржи работата на СЈО со цел владеење на правото.
