За Фридом хаус Македонија е „неслободна“ земја
Во најновиот извештај на Фридом хаус, Македонија од „делумно слободна“ стана „неслободна“ земја.
Ова е поради откривањете на нелегалното владино прислушување новинари, корупцијата меѓу функционерите и сопствениците на медиумите, но и поради зголемувањето на заканите и на нападите врз новинарите. За положбата на новинарите во земјава пишува дека се слабо платени и трпат притисоци. Забележано е дека јавниот сервис МРТВ ги игнорираше „бомбите“.
„Автоцензурата кај новинарите е честа појава, пред сè поради притисокот од сопствениците на медиумите со одредени деловни или политички интереси. Новинарите се слабо платени и се соочуваат со закани и со малтретирање доколку се ангажираат во истражувачкото или критичко известување. Законот за отворен пристап до информации од јавен карактер се спроведува нерамномерно и селективно, а владините функционери ги одложуваат одговорите и ги избегнуваат независните или критичките медиуми“- се вели во извештајот.
Најголем дел од приватните медиуми се поврзани со политички или бизнис-интереси кои влијаат на нивната содржина, а државните медиуми имаат тенденција за поддршка на владините позиции, се наведува во извештајот.
