Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЗА ФОТОНАПОНСКИ ЦЕНТРАЛИ СУБВЕНЦИИ ОД 80 ИЛЈАДИ ДЕНАРИ - Државата дава и за панели и нови прозорци, еве како до нив

ЗА ФОТОНАПОНСКИ ЦЕНТРАЛИ СУБВЕНЦИИ ОД 80 ИЛЈАДИ ДЕНАРИ - Државата дава и за панели и нови прозорци, еве како до нив

Министерството за економија поддржува активности за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување енергетската ефикасност, со цел реализација на зацртаните цели за учеството на обновливите извори на енергија утврдени во стратешките документи во насока на постигнување на национална цел за заштеда на енергија.

За таа цел, Министерството за економија почнувајќи од 2007 година ја спроведува Програмата за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата. Ова го истакна Министерот за економија, Крешник Бектеши кој посочи дека со оваа програма во план е да се инвестираат 70.000.000 денари во следните мерки:


1. Надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата за 2023 година вкупно предвидени 25.000.000 денaри и ќе опфати околу 1.200 домаќинства
Со цел домаќинствата во нашата држава да ја подобрат енергетската ефикасност на своите домови, а со тоа да заштедат електрична енергија, Министерството за економија, на лицата кои ќе купат и вградат ПВЦ или алуминиумски прозорци во своите домови, ќе им обезбеди поврат на средства во висина до 50 отсто, но не повеќе од 20.000 денари по домаќинство за 2023 година, под услов купувачите досега да не користеле средства за оваа мерка. 

Право на учество на овој јавен оглас ќе имаат лицата кои имаат купено и вградено ПВЦ или алуминиумски прозорци во своите домови во периодот од денот на објавување на јавниот оглас до 31.07.2023 година.

2. Надоместување на дел од трошоците за сончеви термални колекторски системи во домаќинствата за 2023 година вкупно предвидени 15.000.000 денари и ќе опфати околу 1000 домаќинства
Со цел стимулирање на користењето на сончевата енергија, на купувачите на сончеви термални колекторски системи (колектори, резервоар за топла вода и потребна инсталација), кои ќе ги купат и вградат во своите домови, Министерството за економија ќе им обезбеди поврат на средства во висина до 30 проценти, но не повеќе од 15.000 денари по домаќинство за 2023 година, под услов купувачите досега да не користеле средства од оваа мерка.

Право на учество на овој јавен оглас ќе имаат лицата кои имаат купено и вградено сончеви термални колекторски системи во своите домови во периодот од денот на објавување на јавниот оглас до 31.07.2023 година

3. Надомест на трошоците за инсталирање фотонапонски електроцентрали за производство на електрична енергија до 6 kW за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на сопственост или користење за 2023 година вкупно предвидени 30.000.000 денари и ќе опфати околу 370 домаќинства

Со цел стимулирање на домаќинствата за користење на обновливи извори на енергија, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени, на лицата кои ќе купат и инсталираат фотонапонски електроцентрали за производство на електрична енергија до 6 kW за сопствена потрошувачка, на градба на која имаат право на сопственост или користење, Министерството за економија ќе им обезбеди поврат на средства во висина до 30 отсто, но не повеќе од 80.000 денари по домаќинство за 2023 година.

Право на учество на овој јавен оглас ќе имаат лицата кои имаат купено и инсталирано фотонапонска електроцентрала за производство на електрична енергија до 6 kW за сопствена потрошувачка, на градба на која имаат право на сопственост или користење во периодот од 01.01.2023 година до 31.10.2023 година. 

Доколку барателот достави доказ во оригинал за направените трошоци за проектна документација (фискална сметка или фактура со извод од деловна банка или уплатница во периодот најрано од 1 јануари 2023 година) истите ќе му бидат земени во предвид при утврдување на надоместокот на дел од трошоците.

4. Прв пат годинава преку Програма за поттикнување на сигурноста во снабдувањето со природен гас во домаќинствата за 2023 година. 

Средствата од оваа програма во вкупен износ од 10.000.000 денари ќе се користат за надоместување на дел од трошоците за изработка на проектна документација за приклучок на системот за дистрибуција на природен гас и/или изведба на приклучок на системот за дистрибуција на природен гас на домаќинствата до 70 проценти, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство за 2023 година во Струмица и Куманово.

Право на учество на овој јавен оглас имаат домаќинствата кои имаат изработена проектна документација за приклучок на системот за дистрибуција на природен гас и/или имаат извршено приклучување на соодветниот систем за дистрибуција на природен гас во периодот од 01.01.2023 година до 31.10.2023 година.

Главна цел на оваа мерка е обезбедување на квалитетни, оптимални услови за живеење од аспект на квалитетно загревање на домаќинствата со добивање на топлинска енергија од систем кој користи енергенс кој е поекономичен, еколошки чист (во однос на мазутот, јагленот и огревното дрво) и заштедува финансиски средства, односно ги намалува трошоците во однос на постојниот начин на загревање со електрична енергија и систем кој е одржлив на долг рок, подигање на еколошките стандарди, подигање на еколошката свест во Република Северна Македонија, како и намалување на PM10 честичките и СО2 во атмосферата и поголема заштита на животна средина.

Покрај за домаќинствата, програмата индиректно ќе помогне и во надминување на проблемите и задржување на ликвидноста на компаниите од гасниот сектор кои беа најмногу погодени од тековната светска енергетската криза.

Преку линковите подолу можете директно да ги видите условите за аплицирање за некои од мерките:

Линк до јавен повик за Надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата за 2023

 
Линк до јавен повик за Надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски електроцентрали за производство на електрична енергија до 6 kW за сопствена потрошувачка за домаќинствата


Линк до јавен повик за Надоместување на дел од трошоците за купување на сончеви термални колекторски системи во домаќинствата


Линк до јавен повик Надоместување на дел од трошоците за домаќинствата, за изработена проектна документација за приклучок на системот за дистрибуција на природен гас


Слично

Поврзани вести