За ефикасна армија ни требаат повеќе пари
За да се одржи ефикасен и модерен одбранбен систем потребни се повеќе средства во одбраната, смета началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески. Во последните години АРМ се соочува со намалени финансии, заради што ќе бара од Владата зголемување на буџетските средства.
„АРМ мора да биде секогаш подготвена да го одбрани новото сонце на слободата на независна и суверена Македонија. Мора да го чекориме нашиот пат полн со предизвици, мора да бидеме мудри и да градиме модерна одбрана која ќе биде приспособена не само во функција на одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет, туку и да им помага и да соработува со нашите партнери. Реалноста на денешното време од нас бара способност успешно да се носиме со новите безбедносни предизвици кои се тешко предвидливи, а на глобално ниво се одвиваат со голема брзина“, рече Котески на свеченоста во пресрет на одбележувањето на 18 август - Денот на АРМ.
За следниот период тој вели дека во фокусот на напорите на Армијата ќе бидат повеќе приоритети како измена на законската легислатива во насока на подобрување на стандардот на припадниците на АРМ и унапредување на процесите во одбраната, продолжување со имплементација на новата организациско-формациска структура на АРМ, ефикасна реализација на буџетските средства за модернизација на АРМ и имплементација на концептот за општа и активна резерва.
Мировните мисии на АРМ во БиХ, Авганистан и Либан продолжуваат, а од земјите-членки на НАТО се очекува да ја исправат неправдата кон припадниците на АРМ и да ја примат во членство Македонија.
„Како Армија и понатаму ќе придонесуваме во регионалната и меѓународната безбедност и не се откажуваме од нашата стратегиска цел да станеме дел од воено политичката алијанса чија одлука не зависи само од воената, туку и од политичката елита“, нагласи Котески.
Министерот за одбрана Зоран Јолевски неделава најави дека планот со кој ќе бидат побарани повеќе финансиски средства за одбраната е речиси готов и наскоро треба да и биде доставен на Владата.
Слично
