ЗА ЕДНИ НЕРАЗВОЕН И НЕРЕАЛЕН, ЗА ДРУГИ КРЕИРАН ЕКОНОМСКИ: Буџетот и денес главна тема на Собраниската Комисија
10 дена има законски рок Комисијата за буџет да расправа за предлог буџетот за 2022.
Дискусиите почнаа вчера во матичната комисија, а првите заклучоци на опозицијата се дека предлогот е неразвоен и нереален.
Од друга страна пак , владеачката гарнитура смета дека буџетот е економски креиран со развојна компонента.
ВМРО ДПМНЕ најави повеќе од 200 амандмани и ребаланс уште во првиот квартал.
СДСМ пак порача дека буџетот е креиран за економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции.
Од акцизи државата планира догодина да собере 468 милиони евра, а од персоналниот данок 342 милиони. Данокот на добивка ќе и донесе на државата 200 милиони евра, додека, пак, од царини се очекува се инкасираат 146 милиони евра.
Од придонеси би требало да се соберат 1,21 милијарди евра, и тоа 818 милиони евра од пензискиот и 341 милиони евра од здравствениот придонес.
Кога станува збор за тоа како ќе ги троши парите, Владата си одобрила за себе расходи од 4,43 милијарди евра, што е за 59 милиони евра повеќе од ребалансираниот буџет за оваа година, и го прави Буџетот за 2022 убедливо најгломазен во историјата на земјава.
За тековни расходи ќе отидат дури 3,8 милијрди евра.Во нив значаен дел заемаат трошоците за плати и надоместоци, дури 531 милиони евра или 18 милиони евра повеќе од ребалансираниот буџет за оваа година. Овој раст на сумата за плати се должи на зголемените плати за здравствените работници, судството, обвинителството, културата, кои се предвидуваат за следната година.Владата ветува дека ќе ги контролира новите вработувања во администрацијата. Додека, пак, за стоки и услуги, Владата вели дека ќе биде штедлива, бидејќи има намера да потроши 336 милиони евра, што е намалување за 21 милион евра во однос на годинашниов буџет.
За субвенции и трансфери ќе одат 396 милиони евра, за блок дотации 319 милиони, а за трансфери до единиците на локалната самоуправа 363 милиони евра.Огромна сума или близу половина од целиот буџет оди за социјалните трансфери. Оваа расходна ставка со буџетот за 2022 година ја надминува психолошката граница од две милијарди евра и ќе тежи 2,024 милијарди евра, што е зголемување за 30 милиони евра во однос на ребалансираниот буџет.
За пензии идната година ќе се потрошат 1,05 милијарди евра, или 28 милиони евра повеќе од планот со буџетот за годинава. За здравствена заштита, пак, ќе одат 586 милиони евра.
Она што е многу интересно, е владината амбиција за капитални инвестиции. Таа во 2022 планира во инфраструктура да вложи дури 615 милиони евра, или 130 милиони евра повеќе од сумата планирана со ребалансот за годинава, додека, пак, зголемувањето е 27 отсто во однос на планот за оваа година.
