За еден месец – раст од 17,5 милиони евра на нефункционалните кредити!
И во ноември, нов пораст на салдото на нефункционални кредити. Според најновите податоци на Народната Банка, спорните и сомнителни побарувања достигнаа вредност од 444, 6 милиони евра или само за еден месец од октомври до ноември, нефукционалните кредити се зголемени за 17,5 милиони евра.
Салдото на овие спорни побарувања во ноември го достигна пикот, ако се направи споредбена анализа со состојбата во претходните месеци од календарската 2013-та година.
Анализирано од аспект на валутната структура, во ноември е забалежан пораст на сомнителните побарувања кај денарските кредити, додека кај девизните е забележано намалување.
Во ноември, вкупниот кредитен пласман на банките изнесува 3,7 милијарди евра, при што е забележан раст кај кредитирањето и кај „населението“, но и кај приватниот сектор.
Според неодамнешните оценки на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, во ноември дошло до забрзување на месечниот раст на кредитите, при што кредитната активност била насочена и кон корпоративниот сектор и кон секторот „население“.
“Со тоа, за првпат по четири месеци, корпоративните кредити забележаа месечен раст“ – оценија од Народната Банка.
Сепак од таму сметаат дека и понатаму постојат ризици околу проекцијата на кредитите, кои се поврзани со согледувањата на банките, како и со конзервативните стратегии применувани од големите банкарски групации во македонскиот банкарски систем.
Вкупните депозити во ноември достигнаа салдо од 4,1 милијарда евра, при што се забележува раст и на денарските и на девизните кредити.
Слично
