ЗА ЕДЕН ДЕН ДРЖАВНОТО СТАНБЕНО ПРЕТПРИЈАТИЕ ДОБИ НАД ТРИ МИЛИОНИ ЕВРА - кризата не ја сопре изградбата на социјалните станови
Државата не се откажува од изградба на социјалните станови, и покрај големата енергетска криза. Пред околу еден месец сума од над три милиони евра доби државното Станбено претпријатие, за да го продолжи проектот за изградба на овие станови наменети за социјално ранливите категории.
Државното станбено претпријатие пред околу еден месец добило на својата сметка сума од 200 милиони денари, или изразено во евра, околу 3,25 милиони евра.
Со оваа сума Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и дедловен простор од интерес на државата, како што гласи полниот назив на ова АД, во последниов месец изби на првото место на најголемите приматели на државни пари, и тоа со примена вкупна сума од 207 милиони денари.
Но, најголем дел од овој износ, од дури 200 милиони денари или 3,3 милиони евра, се добиени од Министерството за транспорт и врски, точно на 10 август оваа година.
Овие податоци можат да се забележат на порталот Отворени Финансии, кој е посебна алатка на Министерството за финансии, со цел да се обезбеди поголема отчетност при трошењето на државни средства.
Фактор праша во Станбеното претпријатие за кои цели е добиена оваа исплата во еден ден на толку значајна сума од ресорот за транспорт и врски.
Оттаму објаснуваат дека станува збор за исплата од државата за проектот социјални станови. Овој проект, кој се реализира од поодамна, дел се финансира со Банката за развој при Советот на Европа, а дел со државни средства. Парите биле обезбедени преку ребалансот на државниот буџет.
„Сумата од 200 милиони денари беше уплатена на посебна, наменска сметка на АДИССДП од страна на Министерството за транспорт и врски, согласно ребалансот на буџетот за 2022 година, заради потребите на Проектот за домување на социјално ранливи групи (ФП 1674). Посочуваме дека од вкупната вредност на проектот за негова реализација , 50 отсто од средствата се обезбедени со кредит од Банката за развој при Советот на Европа, а останатите 50 отсто се учество на Република Северна Македонија“, се вели во одговорот кој го добивме од АД за стопанисување со станбен и деловен простор.
Додаваат и дека овој проект опфаќа изградба на 32 социјални згради, во 25 градови, како и дека е во завршна фаза.
„Во оваа насока посочуваме дека само од периодот од 2017 година, АДИССДП досега изгради, гради или почна постапки за градба на над 850 социјални станови. Во овој момент се довршува социјалната зграда во Неготино, во тек на градба се објектите во скопската општина Бутел, во Дебар, Велес и Кочани, се чека технички прием на зградата во Демир Капија, а во Гевгелија тој е веќе завршен. Останува да се реализираат градби на уште четири локации“, објаснуваат од Станбеното.
Потенцираат и дека овој проект всушност ќе им помогне на семејствата од социјално ранливи категории граѓани, меѓу кои и лица со попреченост, деца без родители, корисници на право на гарантирана минимална помош, самохрани родители, лица припадници на ромската заедница кои се социјално загрозени, како и жители на региони погодени од природни катастрофи.
Н.Н.Ф.
