За девет месеци за увоз на струја се одлејаа 93 милиони евра!
Податоците се уште позагрижувачки ако се анализира периодот јануари - јули годинава. Дури 73 милиони евра Македонија искеширала за увоз само за струја. Што прави државата на темата инвестиции во енергетиката и намалување на увозот на енергија?
Неверојатни 93 милиони евра се одлејаа за увоз на струја во првите 9 месеци од годината. Анализата на Фактор покажува дека само во август и септември струјата која Македонија ја купи од странство, а не можеше да ја произведе дома за да ги задоволи потрошувачите на компаниите и домаќинставата чинеше 20 милиони евра. Податоците се уште позагрижувачки ако се анализира периодот јануари - јули годинава. Дури 73 милиони евра Македонија искеширала за увоз само за струја во првите седум месеци од годинава. Статистичките податоци фрапираат од месец во месец. Што прави државата на темата инвестиции во енергетиката и намалување на увозот на енергија?
Македонија никако да го намали увозот на струја и одливот на девизи по оваа основа. Трговците на струја во земјава тријат раце. Поголемиот дел од енергетските експерти во земјава, за Фактор одбиваат да го коментираат галопирачкиот раст на увозот на струја и последиците од одливот на овие пари од државата. Поголемиот дел од експертите, кои се и потпишани зад владините енерегетски стратегии, јавно не ги коментираат овие официјални статистички податоци.
Кое е потеклото на струјата вредна безмалку 1 милијарда евра?!
Анализата на Фактор покажува дека дефицитарното домашно производство на струја, кое се надоместува со скап увоз најголем дел влегува од Бугарија и Швајцарија. Статистиката покажува дека за периодот јануари – септември годинава увезената струја влегла во Македонија од Србија (речиси 40 милиони евра), од Бугарија (речиси 12 милиони евра), од Швајцарија (41 милион евра).Статистиката единствено го обелоденува потеклото на оваа увезена струја, но не и количината. Оттука, нема официјален податок колку точно киловат/часови струја се увезени за овие 93 милиони евра. Оваа струја во Македонија влегува преку неколку трговци со струја.
Директорот на секторот за трговија со електрична енергија во Руднап, Сања Божиновска, во интервју за Фактор изјави дека трговците кои струјата ја транспортираат до Македонија, преку Србија или Бугарија, не значи и дека ја купиле од овие земји.
“Патот на струјата која стигнува до Македонија, а преку Србија или Бугарија можеби е од Германија, Австрија, Чешка или каде било во Европа, се зависи од одлуката на трговците и оптимизацијата на трошоците. Иако Македонија граничи со четири држави, енергетски е поврзана само со Србија, Бугарија и Грција, од кои што Грција е земја која што увезува голем дел од своите енергетски потреби. Бидејќи Македонија е нето увозник, целокупниот увоз се одвива преку Србија и Бугарија, а во исто време се одвива и транзит на електрична енергија низ Македонија кон Грција. Потребите се покриваат од различни берзи во регионот како што се берзите во Романија, Унгарија, Словенија, Австрија, Германија и Чешка итн.“, изјави Божиновска.
Без енергија нема силен економски раст!
Несфатливо е како Владата планира да остварува силни економски резултати раст, кога енергијата клучна за производството ја нема или е прескапа. За следната година, проектираниот економски раст е од само 3,2%.Во измнинатите неколку години компаниите беа приморани да го намалат производството, да прават ремонти само за да ја намалат потрошувачката на струја. Државата во изминатите 10 години не изгради клучен енергетски капацитет кој ќе произведува струја. Наместо одлив на речиси милијарда евра за увоз на струја, досегашните премиери требаше да го зголемат домашното производство преку нови инфраструктурни капацитети.
Во отсуство на јавно образложение, дел од енергетичарите кои ги консултираше Фактор неофицијално велат дека овие податоци за растот на увозот на струјата се загрижувачки. Тие алармираат дека дводецениската летаргија на неправење ништо во енергетиката трае предолго и дека Владата и ЕЛЕМ итно мора да ја подобрат енергетската слика на Македонија. К.П