Економија, финансии, бизнис

Контакт

За да ги простат долговите на сиромашните, ЕВН и банките ќе добијат простување на данок

За да ги простат долговите на сиромашните, ЕВН и банките ќе добијат простување на данок
Досегашниот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески од партиски митинг во Прилеп го објасни најкоментираниот проект од изборната програмата на ВМРО-ДПМНЕ - простување на долговите за најсиромашната категорија граѓани. Додека траат дебати околу тоа дали вакво нешто е можно, остварливо, па дури и уставно, Ставрески го појасни моделот по кој Владата има намера да ги убеди ЕВН и комерцијалните банки да ги заборават долговите за одредена категорија граѓани. „Ние ставаме само проекти кои се реални и остварливи. Ние веќе разговараме со ЕВН и банките на кои ќе им простиме данок од една или две години или повеќе години, а за толкав износ тие ќе им ги отпишат долговите. Со тоа ќе им помогнеме на најранливите категории на граѓани, на најсиромашните, оние на кои им је најпотребна помошта“, рече Ставрески. Според пресметките на владејачката партија, со овој проект треба да им се помогне на најранливите категории на граѓани, или на над 50.000 семејства во Република Македонија. Во проектот се опфатени сите граѓани кои спаѓаат во категории приматели на социјална помош - семејство каде двајцата се невработени или ако е само еден во семејство и е невработен подолго од 12 месеци, семејствата во кои што поради смрт или тешка болест се променила материјалната состојба и не можат да си ги платат долговите. Ним треба им бидат отпишани долговите за струја кон ЕВН, долговите кон банките за тековни сметки, салда за потрошувачки кредити, минусно салдо на тековна сметка и кредитни картички и долговите за радиодифузна такса.
Слично

Поврзани вести