Економија, финансии, бизнис

Контакт

За Ципрас турските пучисти не се добредојдени во Грција

За Ципрас турските пучисти не се добредојдени во Грција

Tурските пучисти не се добредојдени во Грција, изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас на средбата со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган во Њујорк.

Двајцата разговараа за екстрадицијата на турските војници од Грција и справувањето со бегалската криза. 

Ердоган се интересираше за пучистите, на што Ципрас одговори дека кој било турски граѓанин вмешан во обидот за пуч не е добредојден во Грција. Тој додаде дека Грција се справува со прашањето според меѓународното право.

По еден месец разгледување на барањата за азил на турските војници кои еден ден по обидот за државен удар избегаа во Грција, грчката служба го одби барањето за азил на еден од осумтемина, а ги архивираше барањата на двајца од војниците кои може да го отворат одново случајот во следните девет месеци. Како што објаснила адвокатката на војниците, Ставрула Томара за АПЕ, едниот војник е одбиен со тврдење дека учествувал во обидот за воен удар врз Ердоган. Пресудата не е донесена врз основа на неговиот исказ, туку врз генерални информации и заклучоци на службата за случувањата во јули.  Војникот ќе поднесе ново барање за азил до второстепена комисија.

За другите двајца војници барањата не се ни прифатени, ни одбиени, туку одат во архива и може да бидат одново отворени во следните девет месеци. Двајцата војници одбиле да ги примат одлуките од службата за азил, а случајот е прекинат и архивиран по барање на правните претставници на војниците поради непрофесионалниот однос и прекршувањето на дел од одредбите од законот за азил на една од вработените во службата за азил вклучена во нивните случаи.

За другите петмина војници сè уште нема одлуки и продолжува процедурата за разгледување на нивните барања за азил. Судот во Александруполис условно ги осуди осумте турски офицери поради незаконски влез во Грција. 

Ципрас заедно со министерот за надворешни работи, Никос Коѕиас, денеска ќе се сретне со генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун.


Слично

Поврзани вести