За ад хок телото за медиуми има повеќе од 20 кандидати
За два дена истекува рокот во кој четирите најголеми партии треба да предложат членови за ад хок телото за следење на медиумите пред изборите.
Се очекува викендот да бидат избрани четворица, кои потоа тие треба да го изберат и петиот член на ова тело.
„Она што можам во моментов да го кажам е дека по истекот на рокот на овој повик за пријавување на кандидати за членови на ад-хок телото за следење на медиумите и за главен и одговорен уредник на Македонската радио телевизија пријавени се над 20 кандидати, професионалци“ - вели Љупчо Николовски, член на Извршниот одбор на СДСМ.
Тој додаде дека во текот на денот ќе направат консултации и координации со професионалните здруженија на новинарите, со граѓанските здруженија, со невладините организации, по што ќе има повеќе детали.
Ад хок телото пред избори ќе треба да биде формирано до 19-ти месецов.
