Вучиќ за Ѓоковиќ: Mоже да зборува против мене колку сака, ако јас кажам нешто лошо би било смешно
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека ќе продолжи да го поддржува тенисерот Новак Ѓоковиќ од сесрце, без оглед на фактот што тој неодамна изрази поддршка за граѓаните кои ги блокираа патиштата на политичките протести во Србија.
Тој истакна дека разговарал со најдобриот тенисер на сите времиња ноќта пред да ги поддржи студентите, но одби да каже повеќе за нивниот разговор.
„Разговарав со Новак ноќта пред да ги поддржи блокадерите. Нема да давам детали, тој ми се јави мене. Не коментирав тогаш, а нема ни сега“, изјави Вучиќ за српските медиуми.
Вели дека Ноле има посебен статус во срцата на сите српски граѓани.
Тој исто така откри дека не му се лути на тенисерот затоа што ги поддржува политичките противници.
„Тој може да зборува против мене колку што сака, да ги поддржува политичките противници, но ако јас кажам нешто лошо против него - тоа би било глупаво и смешно“, рече српскиот претседател.
Вучиќ нагласи дека го поддржал Ѓоковиќ за време на неговиот последен натпревар против Јаник Синер и дека, без оглед на политичките разлики, ќе продолжи да го поддржува.
Foto: Zorana Jevtić
