Вучиќ вели дека Белград е како Казабланка, но ако нема санкции за Русија ќе бидат во неволја
Србија ќе биде во голема неволја ако не воведе санкции за Русија.
Ова го тврди српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој денеска изјави дека европските претставници ја повикуваат Србија да биде „на вистинската страна на историјата“, што, како што кажа, нема врска со аргументи, додавајќи дека земјата „ќе биде во голема неволја“ доколку не воведе санкции кон Русија, јави дописникот на МИА од Белград.
„Деновиве Белград е како во Казабланка, бидејќи „кога има гости од Русија, се откриваат оние од западните служби кои ги следат, и исто кога се тука луѓе од Запад, следени се од истокот“, рече Вучиќ.
Тој кажа дека на сите форуми Србија е на тапет поради тоа што не воведе санкции за Русија.
„Ако мислите дека е доволно Србија да каже дека утре ќе воведе санкции кон Русија. Не, пет дена, шест дена ќе не тапкаат по рамо. Денеска тоа им служи да не удираат со стап и чекан по сите форуми, бидејќи не можат тоа да им го направат на посилни и појаки, туку на малата Србија. Па ќе ни прават нас се она за што ја обвинуваат Русија дека им прави на другите. Не би било тоа доволно, верувајте ми. На крајот на краиштата, после се би рекле: ‘Или си за иднината или сакате да бидете на вистинската страна на историјата“… А таа вистинска страна на историјата нема многу врска со аргументите, туку дека сте на нивна страна. Ако не сте на нивна страна, тогаш не сте на вистинската страна на историјата“, рече Вучиќ.
Додаде дека во последните 23 години не биле во потешка ситуација. ЕУ има забелешки и тврди дека Србија придонесува за голем мигрантски прилив во Европа, и се заканија со укинување на визите за Србија, замрзнување на преговорите, а се споменаа и странските инвестиции кои ги имаат во земјава, но и еу фондовите кои северниот сосед ги користи. Според лидерот на Социјалистилката партија на Србија Ивица Дачиќ прашањето за официјален Белград дали Србија ќе воведе санкции кон Русија, не е прашање за ЕУ. Тој за телевизијата Пинк изјави дека Белград во врска со тоа прашање треба да се раководи од националните интереси.
Откако почна војната во Украина, многу дојави за бомби имаше во Србија, во авиони кои летаат за Русија, но и во училишта и на јавни места.
