Вучиќ стравува дека Грција ќе го признае Косово
Грција ги крева односите со Косово на повисоко ниво, вели српскиот претседател Александар Вучиќ.
Вучиќ изјави дека ќе бидат извршени дополнителни притисоци врз Србија по прашањето на Косово и дека Грција ќе ги крева односите со Косово на повисоко ниво, јави дописникот на МИА од Белград.
„Во петокот добив официјално известување дека Грција има намера да ги подобри своите односи со Приштина на повисоко ниво, на ниво на канцеларија, односно на политички директори, што е највисока можна личност до ниво на министер“, изјави Вучиќ за ТВ Пинк.
Вучиќ рече дека ќе ја моли Грција тоа да не се случи, затоа што следниот чекор е признавање на независноста. Вели дека постои дополнителна опасност другите земји да бидат под притисок да го сторат истото.
„Ситуацијата е многу тешка за нас. Го повикавме грчкиот амбасадор на разговор, но не презедовме никакви мерки, затоа што веруваме во пријателство и се надеваме дека нема да се оди со понатамошни мерки и приближување“, потенцираше Вучиќ.
На прашањето дали добил уверувања дека Грција нема да ја признае независност на Косово, тој кажа дека секој ден добива такви уверувања, но дека фактите покажуваат да тие „го зголемуваат нивото на своите односи“.
Имаше и тврдењата дека Франција би можела да предложи привремен договор според кој северот на Косово би добил автономија, а СПЦ посебен статус, а Грција да го признае Косово и да има визна либерализација за Косово.
