Вучиќ соопшти: Цената на дизелот од денес во Србија е 212 динари
Српскиот претседател Александар Вучиќ објави нови цени на горивата кои ќе важат до петок, 27 март.
Литар евродизел денес од 15 часот до петок, 27 март во исто време ќе чини максимум 212 динари (111 денари) за литар, а цената на бензинот европремиум BMB ќе биде 188 динари (99 денари) за литар.
Според Вучиќ, денешната цена на евродизелот според котациите би била 257 динари. Со намалување на акцизата за 20 проценти, таа цена би изнесувала 242 динари, но државата одлучи да ја ограничи цената на 212 динари.
Минатата недела, цената на евродизелот беше 208 динари за литар, а бензинот 186 динари за литар. Ова значи дека цената на дизелот се зголеми за 4 динари, додека бензинот е поскап за 2 динари.
На 24 јануари, Владата на Србија ја продолжи Уредбата за ограничување на цените на нафтените деривати, која ќе важи уште 60 дена.
На 13 март, владата донесе уредба со која се намалија акцизите за нафтените производи за 20 проценти, а уредбата ќе важи до 15 април.
