Економија, финансии, бизнис

Контакт

Вучиќ со Путин ја договорил изградбата на Јужен тек

Вучиќ со Путин ја договорил изградбата на Јужен тек

На средба со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, српскиот премиер Александар Вучиќ ги отстранил сите пречки за Србија да го потпише договорот за Јужен тек и ја најави можноста шефот на руската држава да го посети Белград до крајот на годината.

„Путин ја прифати мојата покана за посета и многу брзо, пред крајот на годината, ќе биде во Белград. Тоа ми се чини дека говори доволно за меѓусебното почитување и соработката што ја има Србија со Русија“, изјавил Вучиќ, изразувајќи задоволство од резултатите од посетата.

Со Путин разговарале и за политички прашања, но најмногу за економската соработка и потенцијалните инвестиции на Русија во Србија.

„Сакам да кажам дека сите пречки кои стоеја на патот на потпишувањето на договорот за Јужниот тек се отстранети и сите дилеми се решени“, изјави Вучиќ, најавувајќи дека потпишувањето на клучниот документ за реализација на гасоводот во Србија може да се очекува денеска или утре.

Српскиот премиер нагласил дека не би можело да се случи решавање на сите спорни моменти во договорот за Јужниот тек без посебно ангажирање во добра волја на рускиот претседател.

Имено, како што објаснува Вучиќ, Србија не би можела да земе обичен кредит за изградбата на Јужен тек, бидејќи така би ја подигнала висината на јавниот долг и дефицитот. Затоа барала и добила субординиран кредит, кој нема да се исплаќа во пари, туку преку дивидендата од транзитот на гасот. Дополнително, каматата од првичните 8% била намалена на 4,25%.

„Ние денеска или утре ќе го потпишеме договорот, а очекувам работите на изградбата на гасоводот да започнат до крајот на годината“, рече Вучиќ.

Според него, 50% од градежните работи и 40% од другите работи на гасоводот ќе ги изведуваат српски компании, кои за зделката ќе инкасираат околу 350 милиони евра. Српската страна се изборила со проектот да раководат двајца ко-директори, еден српски и еден руски, а седиштето да биде во Белград.

Слично

Поврзани вести