Вучиќ предвидува голема криза: Ужасно се плашам
Претседателот на Србија Александар Вучиќ синоќа изјави дека притисокот врз Србија да воведе санкции кон Русија поради кризата во Украина веќе е започнат.
Тој додаде дека притисокот не доаѓа од францускиот претседател Емануел Макрон, туку дека тој денеска разговарал со него за Западен Балкан.
Вучиќ за ТВ Пинк изјави дека очекува голема криза и дека направил грешка што „не ги слушал Кинезите“ и дека Србија не набавила суровини, јаглен и нафта штом Кина почнала да го прави тоа.
„Имаме доста од се, но нафтата и гасот ќе ни остават голем економски белег. Ужасно се плашам, пумпаме гас во Банатски двор, имаме и нафта, но не сум задоволен“, изјави Вучиќ.
Претседателот повтори дека граѓаните не мора да набавуваат намирници бидејќи државата обезбедувала млеко во прав и конзервирана храна.
„Србија има силна економија и ќе помине низ оваа криза не лесно, туку полесно од многу други“, рече Вучиќ.
Вучиќ за ТВ Пинк посочи дека кризата околу Украина и енергетската криза ќе има последици за светската економија.
