Вучиќ: Можевме бесплатно да ги лекуваме вакцинираните и невакцинираните, но до висината на придонесите
Српскиот претседател Александар Вучиќ вели дека не се справиле најдобро со епидемијата на коронавирусот.
Тој изјави дека презема дел од вината што државата, навреме не ги донела најпаметните решенија во борбата против епидемијата.
„Можевме да направиме, без да биде спротивно на Уставот, бесплатно да ги лекуваме вакцинираните, а невакцинираните исто да ги лекуваме бесплатно, но само до висината на платените здравствени придонеси на годишно ниво, а остатокот да се плаќа. Тоа би било апсолутно фер. За жал, не се сетив навреме, не се сетив на тоа или премногу верувавме во совеста и одговорноста на народот. Тоа сега пропадна и повеќе не може да се спроведува“, кажа Вучиќ.
Тој додаде дека во просек здравствените придонеси изнесуваат 500-550 евра годишно, што е нешто помалку од трошоците за еден ден болничко лекување.
Вучиќ денеска на Белградскиот саем прими трета доза вакцина против коронавирусот и повторно апелираше граѓаните да се вакцинираат, јави дописникот на МИА од Белград.Во Србија до последниот пресек потврдени се 3.888 новозаболени од корона вирус.
