Вучиќ ја отвора брзата железница Нови Сад-Суботица. Возовите ќе сообраќаат со брзина до 200 км/ч
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денес, без претходна најава, ја отвори брзата железница Нови Сад-Суботица на железничката инфраструктура која е во центарот на вниманието на српската јавност поради уривањето на крошната на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица.
Вучиќ објави дека железницата долга 108 километри ќе биде отворена за товарен сообраќај од вечерва, а за патнички сообраќај од среда, и дека патувањето со брзина до 200 км/ч ќе трае еден час и 10 минути. Изградбата на железницата, која е заеднички проект на Србија, Унгарија и Кина, започна кон крајот на 2017 година, а делницата од Белград до Нови Сад беше отворена во март 2022 година, објави агенцијата Бета.
Се очекува Унгарија да го заврши својот дел од брзата железница за два месеци, а потоа ќе биде овозможен товарен сообраќај од Белград до Будимпешта, а патнички сообраќај кон крајот на февруари или почетокот на март.
Изведувач беше кинескиот конзорциум China Railway International и China Communications Construction Company – CRCC, со учество на повеќе од 200 подизведувачи и добавувачи од Србија и Европската Унија, додава агенцијата.
Новосадскиот портал 021.rs наведува дека немало официјални најави дека железницата ќе биде пуштена во употреба, и дека во возот со претседателот на Србија биле кинескиот амбасадор во Србија, српскиот министер за градежништво и транспорт, заменик-претседателот на унгарското Министерство за транспорт и градежништво и „одбрани медиуми“.
Овој дел требаше да се отвори во ноември 2023 година, потсетува медиумот, додавајќи дека по трагичното уривање на кровот на железничката станица во Нови Сад, тој беше одложен, а потоа следеа бројни инспекции.
