Вучиќ: „Доктрината на српскиот свет“ никогаш не постоела официјално, можеби има бугарски свет
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Брисел изјави дека „доктрината на српскиот свет“ никогаш не постоела како официјална политика на Србија. Вели дека тоа е измислен концепт кој, како што додаде, ги оправдува „антисрпските политики“ во регионот и „обидите за создавање воен сојуз против Белград“, пишува Н1.
Коментирајќи ја изјавата на претседателот на Бугарија, Румен Радев, кој ја предупреди ЕУ за наводната доктрина за „српскиот свет“, Вучиќ рече дека тоа е поврзано со предизборната кампања во Бугарија.
„Тие ја измислија фразата српски свет. Можеби го имаат бугарскиот свет, не знам. Но, ние го немаме српскиот свет. Ниту како доктрина, ниту како политика. Никогаш во животот не сум го рекол тоа. Никогаш. Но, им одговараше затоа што направија баук од тоа и за да ја оправдаат својата антисрпска политика, ја користеа таа фраза. Затоа што мора да ги оправдаат Хрватите, и Приштина, и Тирана, а можеби и Софија во иднина, зошто формираат воен сојуз против Србија. Тоа никогаш не било дел од официјалната српска политика“, рече Вучиќ.
За тоа дали постои страв дека Србија ќе остане во чекалната на Европската Унија, Вучиќ рече дека Србија има јасен избор.
„Утре да воведеме санкции врз Руската Федерација. Утре, буквално. Утре да речеме дека ќе го признаеме Косово. Еве нè во Европската Унија кога сакате. Само кажете ми, дали сакате тоа да биде политика? Не мислам дека треба да го признаеме независно Косово. Тоа е чиста геополитика“, рече Вучиќ.
Осврнувајќи се на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Србија, Вучиќ рече дека, според тој документ, е забележано назадување „само во областа на слободата на медиумите“, нагласувајќи дека тоа не му било јасно.
фото принтскрин
