Вучиќ би го признал Косово ако за возврат ја добие Република Српска, тврди Азем Власи
Вучиќ би го признал Косово ако за возврат ја добие Република Српска, изјави поранешниот косовски политичар Азем Власи.
Вели дека Европската Унија е само посредник во дијалогот на Косово и Србија, а клучна улога за успешното завршување на овој процес ќе имаат Соединетите Американски Држави. Власи објасни дека евентуалната автономија за северот на Косово, актуелна во „нон-пејпер“ документите, е неприфатлива и штетна за Србите јужно од Ибар. Според него, тие нон-пејпери се всушност памфлети за провокации, а ние во регионот лесно се лепиме за тоа. „Нешто што нема автор, адреса, фирма, сериозната политика и политичарите не ги земаат сериозно. Заговарањето автономија за северот на Косово е всушност идеја за одвојување на тој дел од целината на Косово. Нема никаде автономија со четири мали општини и нешто повеќе од 30.000 жители. Таквите идеи се глупост и играње со судбината и опстанокот на косовските Срби на просторите каде што живеат. Косово инаку тоа нема да го прифати, па ете нови проблеми и конфликти, повторно на штета на Србите“, кажа тој во интервју за Косово онлајн. Тој додаде дека, доколку има продолжување на дијалогот на Белград и Приштина во јуни, тоа ќе бидат „прелиминарни разговори“ и дека „ништо конкретно“ нема да се случи. Во последно време се појавија три нон пејпери, кои ги таргетираа БиХ и Косово. Според последниот нон пејпер, Косово треба да остане во Србија уште 99 години.
