Вучиќ алармира дека нешто се случува на северот од Косово
Нешто се случува на северот од Косово, тврди српскиот претседател Александар Вучиќ.
Тој денеска изјави дека има информации за движење на „албански трупи“ од две бази кон северот на Косово.
Тој се сомнева на две опции.
„Го земале глисерот на Газиводе со кој се возеше Тачи, па можно е да тргнат во контрола на езерото и така да покажуваат мускули или да го контролираат зелениот појас на северот за да спречат проток на стоки кон српските средини на Косово“, изјави Вучиќ на состанокот со претставниците на Србите од Косово.
Тој вели дека ќе продолжи да ја следи ситуацијата и дека Србите треба да знаат дека нема да бидат оставени на милост и немилост.
Косовската Влада вчера одлучи попладнево да ги зголеми таксите на производите кои се увезуваат од Србија за 100 отсто.
На еден ден по неуспешниот обид на Косово за зачленување во Интерпол, на предлог на косовскиот министер за трговија Ендрит Шаља, Владата на Рамуш Харадинај одлучи да ги зголеми за 100 отсто таксите, кои пред две недели беа покачени за 10 проценти.
Во косовското село Качаник дури граѓани ги палеа српските производи.